Фото: ЕПА

ЗОИ 2026

  • Со седум златни медали на зимски олимписки игри, тој има еден помалку од рекордот на сите времиња што го делат тројца пензионирани сонародници, пишува АП. Норвешката ѕвезда на ЗОИ 2026 може да се натпреварува во уште четири индивидуални и тимски дисциплини во нордиско скијање

Јоханес Хоесфлот Клаебо ја оствари втората последователна победа на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Милано и во Кортина д`Ампецо во спринт во нордиско скијање, што е негов седми златен олимписки медал. Норвешката ѕвезда може да се натпреварува во уште четири индивидуални и тимски дисциплини на ЗОИ 2026. Со седум златни медали на зимски олимписки игри, тој има еден помалку од рекордот на сите времиња што го делат тројца пензионирани сонародници, Марит Бјорген и Бјорн Дели во нордиско скијање и Оле Ејнар Бјорндален во биатлон, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). По неговиот триумф во вторникот, највисоко рангираниот нордиски скијач во светот рече дека е намален дел од притисокот што го чувствувал пред Игрите.
– Беше неверојатно. Мојата форма е добра и бев малку поопуштен пред оваа трка отколку што бев минатата недела – рече тој
Натпреварувачите тешко можат да му замерат на Клаебо бидејќи тој има сѐ: техника, тактика, моќ и брзина, пишува АП. Му недостига еден медал до рекордот на сите времиња на зимски олимписки игри од осум златни медали. Како импозантен спринтер, Клаебо освои пет златни медали и по едно сребро и бронза на Зимските олимписки игри во Пекинг во 2022 година и во Пјонгчанг во 2018 година. Тој еволуира за да доминира во секој аспект на нордиското скијање, освојувајќи ја својата прва трка на долги патеки во скијатлонот в недела, пишува АП.
На неговиот експлозивен финиш е додадено и неговото неверојатно брзо искачување, силно трчање што ги остави другите тркачи далеку зад себе во вторникот. Клаебо го крена техничкиот дел од спортот на ново ниво, според Оле Халдор Енсруд, норвешки тренер во олимпискиот тим на Јужна Африка, кој разговараше со АП.

– Она што го прави малку уникатен е колку е флексибилен во својата техника. Во скијањето, за разлика од трчањето, на пример, мора постојано да ја приспособувате техниката на различните терени – вели Енсруд.
Во почетокот на неговата кариера тој изгледаше поранлив на подолгите трки, а тоа драматично се промени благодарение на неговиот неуморен тренинг и репутацијата како педантен планер на трки, пишува АП. Неговите вештини беа усовршени на брзи патеки за ролерско скијање и преку разновидни тренинзи. Тоа му ја донесе способноста брзо да менува техники, одржувајќи брзина, а наедно нудејќи малку можности за предизвикувачите.
Спортски херој е дома, се наоѓа на билборди и на телевизиските реклами, а документарен филм за него се појави во норвешките кина минатиот декември, пишува АП. Но Клаебо, кому му недостига еден златен медал за рекорд, ужива во момент на мир во Италија.
– Само излегувам и навистина уживам и е неверојатно. Сега само се обидувам да уживам во моментите – рече тој, пренесе АП. Н.М.