Со три рекорда веќе во негова сопственост, во полн ек е потрагата на Кипчоге да ги собори рекордите на сите шест големи светски маратони (Токио, Бостон, Лондон, Берлин, Чикаго и Њујорк)

АТЛЕТИКА

Многу луѓе сонуваат да истрчаат само еден од големите шест светски маратони, но неколку одбрани имаат амбиција и решеност да ги истрчаат сите шест. А потоа е Елиуд Кипчоге. Најголемиот маратонец на сите времиња има своја цел, да постави рекорд на патеката во секој од шесте најголеми светски маратони, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) на својата интернет-страница.
Шесте главни маратонски трки се годишните трки долги 42,195 километри што се одржуваат во Токио, Бостон, Лондон, Берлин, Чикаго и во Њујорк, а околу 10.000 луѓе што ги трчале сите шест го добиваат престижниот и многу посакуван медал со шест ѕвезди. Но никој во историјата на трчањето никогаш не победил на сите шест, а камоли да има рекорд на секоја од шесте патеки.
Но 38-годишната кениска суперѕвезда сега е сопственик на три рекорди, а се стреми кон четвртиот, на маратонот во Бостон, на 17 април. Што треба да направи за да ги постигне сите шест? Кои спортисти стојат на патот на неговата цел?

ТРИ РЕКОРДИ, УШТЕ ТРИ ЗА ПОСТИГНУВАЊЕ

– Сакам не само да се натпреварувам на сите шест туку и да победам. Ова се две различни цели. Уште повеќе, додадов уште еден предизвик за поставување рекорди на патеката за другата половина од трките – рече Кипчоге во неодамнешното интервју за „НН ранинг тим“, поставувајќи нова цел за спортист што ја постигнал речиси секоја цел поставена пред него.
Тој веќе е двократен олимписки шампион, актуелен светски рекордер и единствениот човек што истрчал маратон за помалку од два часа, и би било лесно да му простиме на Кипчоге што сака да се одмори по своите значителни лаври во кариерата во која победи на 15 од 17-те маратони што ги има истрчано. Но човекот што е жива персонификација на неговата фраза „ниту еден човек не е ограничен“ е во мисија да победи на шесте престижни маратонски трки на планетата во рекордно време, пишува ИОК.
Сега тој е рекордерот на три маратони, во Лондон (2:02,37 часа), поставен во 2019 година, Токио (2:02,40), поставен во 2022 година, и во Берлин, актуелниот светски рекорд од 2:01,09 часа, исто така, поставен во 2022 година.

ПРЕДИЗВИК

Ако тренирате за маратонска величина, не можете да оставите ниту еден камен непревртен. Во потрагата на Кипчоге да додаде четврти рекорд ова значеше тренинг на она што тој го нарекува „патека Бостон“, патека долга 40 километри во неговата родна Кенија, која ги повторува тешките ридови со кои ќе се соочи кога ќе се натпреварува во Бостон. Едно нешто што не може да го имитира се условите и температурите со кои ќе се соочи тој ден, тие се едноставно премногу непредвидливи за да се погодат. Но Кениецот е уверен дека, на дожд или на сонце, може да се справи со сѐ.
– Берлин и Бостон се две различни трки, на различни континенти. Берлин е рамна патека. Бостон, од друга страна, е нагорнина и треба многу трпение и напорна работа за да се помине. Бостон е непредвидлив и понекогаш времето е предизвикувачко, но се обидувам да бидам сеопфатен – рече тој.
Рекордот на тој маратон е 2:03,02 часа, поставен од неговиот сонародник Џефри Мутаи во 2011 година. Тоа е време од кое четири пати во кариерата трчал побрзо, двапати во Берлин (2018 и 2022 година) и по еднаш во Лондон (2019-та) и во Токио (2022). Но со единствената тешкотија на патеката во Бостон (неодамнешна студија го нарече најбавниот од сите големи маратони), Кипчоге е свесен дека ќе треба да биде најдобар за да го постигне рекордот, пишува ИОК.
– Ова е уште еден предизвик, тоа е како првенство каде што треба да се победи и да се добие златниот медал – рече олимпискиот шампион од 2016 и од 2020 година.
Доколку Кипчоге ја постигне својата цел на патеката во Бостон, само уште два маратона ќе стојат на патот: Њујорк и Чикаго. И рекордот во Њујорк го држи Мутаи, 2:05,06 часа од 2011 година. Кипчоге никогаш не го прифатил предизвикот на Њујорк, но би можел да има шанса годинава, во ноември. Единствената друга трка што ќе треба да ја совлада е едната голема трка на која се натпреварувал, но не го држи рекордот на патеката, во Чикаго. Кипчоге победи на маратонот во Чикаго во 2014 година, со време од 2:04,11 часа, но тоа не беше доволно за да го собори сегашниот рекорд поставен од Денис Кимето во 2013 година, од 2:03,45 часа, време што Кипчоге оттогаш го надмина шест пати. Н.М.