Фото: ЕПА

ФОРМУЛА 1 – ПО ПРВАТА ПОБЕДА ВО КАРИЕРАТА, ВО ТРКАТА ЗА ГН НА КИНА

  • Италијанецот е втор најмлад победник во историјата на Формула 1

Кими Антонели беше дефиниран како наследник на Луис Хамилтон и совозач на Џорџ Расел, но сега е и победник на трка во Формула 1 и втор најмлад во историјата, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Деветнаесетгодишниот Италијанец оствари победа по интересната борба со Расел и двата возачи на Ферари за да слави убедливо на трката за големата награда (ГН) на Кина, која се возеше во Шангај и со тоа го подели подиумот со својот совозач и со Британецот Хамилтон, седумкратен шампион кого го замени минатата година, пишува АП.
– Немам зборови. Му благодарам многу на мојот тим затоа што ми помогна да го остварам овој сон – рече Антонели, задржувајќи ги солзите, пренесе АП.
Тоа е оправдување за одлуката што ја направи шефот на тимот на Мерцедес, Тото Волф, кога го избра младиот возач, кој се приклучи на јуниорската програма на Мерцедес на само 11 години, за да замени еден од најдобрите возачи на сите времиња, кога Хамилтон се пресели во Ферари за сезоната во 2025 година.
– Многумина велеа дека е премногу рано минатата година. Очигледно и ние си го поставивме тоа прашање, дали е премногу да го фрлиме во овој „експрес-лонец“. Една година со подеми и падови, а тој е млад. Мораме да му ги простиме овие грешки, а сега победи на втората гранпри-трка во 2026 година. Добро е – изјави Волф за „Скај спорт Германија“, пренесе АП.
Антонели беше најмладиот стартер на пол-позицијата и накратко го загуби водството од Хамилтон во почетокот, но набргу потоа го врати и ја имаше контролата на патеката до крајот на трката.

Уште една т.н. победа 1-2 за Мерцедес откако ја почна сезоната, откако Расел е втор. Хамилтон беше трет, освојувајќи го долгоочекуваниот прв гранпри-подиум со Ферари.
Антонели е првиот Италијанец што победил по Џанкарло Физикела во 2006 година. Единствениот возач помлад од Антонели, кој славел на гранпри-трка е Макс Ферстапен, кој имаше 18 години кога ја оствари својата прва победа, во 2016 година.
Новите прописи повторно предизвикаа драматична борба за позиција помеѓу Мерцедес и брзостартните „ферарија“, а Расел се бореше да ги помине Шарл Леклер и Хамилтон во трката од повеќе кругови, со голем број промени на позициите. Тоа му овозможи на Антонели да го изгради своето водство. Дури и откако Расел се повлече и го обезбеди второто место, совозачите Леклер и Хамилтон продолжија да се тркаат за третата позиција.
– Ова е многу забавна борба – извика Леклер преку радиоврска.
Леклер беше четврти, Оливер Берман петти за Хас, Пјер Гасли шести за Алпин и Лиам Лосон седми за Рејсинг Булс…
Шампионот во Формула 1, Британецот Ландо Норис, и неговиот колега од Мекларен, Оскар Пјастри, не можеа да стартуваат откако се соочија со технички проблеми неколку минути пред почетокот на трката. Пјастри требаше да стартува како петти, а Норис шести. Норис беше во својот болид во боксот, но не излезе на стартната линија, пред Пјастри да биде повлечен од стартната линија. Мекларен соопшти дека по истрагата пронашол „два различни електрични проблеми на страната на погонската единица“. Сега само 18 од 22 автомобили ја почнаа трката, а Габриел Бортолето од Ауди и Алекс Албон од Вилијамс, исто така, не стартуваа, пред и двата автомобила на Астон Мартин и Ферстапен да имаат проблеми во трката. Трката во Формула 1 почна неколку часа откако беше објавено дека трките следниот месец во Бахреин и во Саудиска Арабија нема да се одржат поради војната на Блискиот Исток, пишува АП.
По две трки сезонава води Расел со 51 бод, втор е Антонели со 47, а трет Леклер со 34 бода. Кај конструкторите води Мерцедес со 98 бода, втор е Ферари со 67, а трет Мекларен со 18 бода. Следната трка, трета по ред, е закажана за 29 март на патеката „Сузука“, за големата награда на Јапонија. Г.И.