Фото: ЕПА

ЛОИ 2024 – АТЛЕТИКА

Она што никогаш не беше доведено во прашање е дека кениската атлетичарка Беатрис Чебет стана олимписка шампионка на 5.000 метри. Втора целта ја мина нејзината сонародничка Фејт Кипјегон, а трета заврши Холанѓанката Сифан Хасан.
Сепак, по трката имаше жалба од раководството на Етиопија, односно дека Кипјегон недозволено ја турнала нивната натпреварувачка Гудаф Чегај. Жалбата беше прифатена, а Кипјегон беше дисквалификувана. Така, по ова на второто место се искачи Хасан, а на третото се израдува Италијанката Надија Батоклети.
Но, изненадувањата не завршија тука. На ова, потоа следуваше жалба од страна на Кенијците, кои побараа да ѝ се врати среброто на Кипјегон, оти сметаа дека тоа што се случило на атлетската патека е вообичаен инцидент, кој и порано често се гледал. По извесно време, нивната жалба беше прифатена и сѐ беше вратено на почеток. Официјалните лица на Светската атлетика донесоа единствена одлука да ја вратат Кипјегон на втората позиција, сметајќи дека Чегај била таа што ја нагазила кениската атлетичарка. Па така, конечниот расплет гласеше по старо, злато за Чебет, сребро за Кипјегон, бронза за Хасан. Г.И.


ОСВОЈУВАЧИ НА МЕДАЛИ НА ЛОИ 2024

ЗЕМЈА ЗЛ. СР. БР.
САД 21 30 28
Кина 21 18 14
Франција 13 16 19
Австралија 13 12 8
Велика Британија 12 13 17
Јужна Кореја 11 8 7
Јапонија 10 5 11

Извор: ИОК
табелата е по вчерашните претпладневни финални натпревари