Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во полуфиналето Кејмер го совлада Карлсен, а Каруана по 7,5 часа игра го победи Синдаров

Германецот Винсент Кејмер и Американецот Фабијано Каруана победија во два исцрпувачки полуфинални меча и се пласираа во финалето на првиот од петте турнири од турнејата во т.н. Фишеров шах во Вајсенхаус (Германија), вреден 750.000 долари. За третото место ќе играат Узбекистанецот Јавохир Синдаров и Норвежанецот Магнус Карлсен.
Кејмер го победи поранешниот петкратен светски првак Карлсен, со 1,5-0,5, откако ремизира во втората партија со класично темпо на игра (првата ја доби претходниот ден), а на Каруана му беа потребни шест партии и речиси осум часа игра за да го победи Синдаров во тајбрејкот со т.н. армагедон-партија (реми му беше доволно со црни фигури на Каруана за да оди понатаму), по изедначените резултати во претходните класични, забрзани и брзи партии.
– Главно ми олесна што успеав да ја преживеам оваа многу тешка партија, а за мене лично е и неверојатно достигнување да го победам Магнус во натпревар – изјави Кејмер.
Годинава во шаховската турнеја треба да се одиграат вкупно пет турнира, чија цел е промовирање на шаховската варијанта, во која почетните места на фигурите се измешани, а е позната и како шах 960 (според бројот на можни почетни позиции) или слободен шах.
Резултати,полуфинале: Карлсен (2.833 рејтинг-поени) – Кејмер (2.731) 0,5-1,5, Каруана (2.803) – Синдаров (2.700) 4-3. За 5-8 место: Абдусаторов (2.766) – Фирузја (2.760) 1,5-0,5 и Накамура (2.802) — Гукеш (2.777) 2,5-1,5. Г.И.