Фото: Емил Јовановиќ

КОИ СЕ ГЛАВНИТЕ ФАВОРИТИ НА СП 2025

  • Со 12 титули тој е убедливо најуспешниот играч

Последната недела од календарската година значи едно нешто во шахот, а тоа е Светско првенство (СП) во забрзан и во брз шах, од утре во Доха (Катар). Норвежанецот Магнус Карлсен доминираше во претходните години. Додека новата млада генерација на супервелемајстори брзо расте, на листата на врвни играчи на отворениот турнир во Доха уште доминираат искусни играчи, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ), која истакнува 13 имиња што имаат најголеми шанси за врвот во двете конкуренции.
Петкратниот светски првак во класичен шах, Карлсен, во Доха е прв носител (рејтинг 2.824 во забрзан и 2.881 во брз шах). Тој пет пати ја освои светската круна во забрзан шах (2014, 2015, 2019, 2022, 2023 г.), а во брз седум пати (2014, 2017, 2018, 2019, 2022, 2023 и во 2024 година, кога ја делеше со Јан Непомнијашчи) и е убедливо најуспешниот играч. Русинот Непомнијашчи е втор носител во двете конкуренции (2.762/2.801). Двократниот предизвикувач за светската титула во класичен шах има три сребра и две бронзи од СП во забрзан и едно сребро од СП во брз шах, а најголем успех му е делбата на првото место на СП 2024. Левон Аронијан (САД) е трет носител во забрзан шах (2.756) и петти во брз (2.774), а го освои СП 2009 во забрзан шах и во брз во 2010-та. Фабијано Каруана (САД) е четврти носител во забрзан, а седми во брз шах со идентичен рејтинг (2.751). Поранешниот кандидат за светската титула во класичен шах беше меѓу најдобрите во двете конкуренции лани. Французинот Максим Вашер-Леграв е петти носител во забрзан (2.730) и 11-ти во брз шах (2.745). Во 2021 година ја освои круната на СП во брз шах. Од другите фаворити, ФИДЕ ги набројува Русинот Владислав Артемиев (2.727 забрзан и 2.773 брз шах), Узбекистанецот Нодирбек Абдусаторов (2.717/2.768), Унгарецот Ричард Рапорт (2.702/2.629), Полјакот Јан Кжиштоф-Дуда (2.711/2.750), Индиецот Арјун Еригаиси (2.714/2.749), Русинот Данил Дубов (2.686/2.795), Американецот Весли Со (2.702/2.790) и Украинецот Олександр Бортнук (2.641/2.748). Г.И.