Нема да можам да го направам тоа повторно. Тоа е сигурно, изјави петкратниот светски првак во класичен шах
ТУРНИР ВО КАРЛСРУЕ ВО ФИШЕРОВ ШАХ
Магнус Карлсен триумфира на Отвореното првенство во слободен шах (познат и како Фишеров шах, варијанта на шах во која почетните места на фигурите од првиот ред се измешани), во Карлсруе (Германија), со беспрекорен резултат од девет победи на девет партии, што е исклучително достигнување на ова ниво на натпреварување. Се играше со класично време за размислување, според швајцарски систем, во конкуренција на 297 учесници (68 ВМ, два ЖВМ, 38 ИМ, еден ЖИМ, 38 ФМ, два ЖФМ) од 42 држави. Седум играчи освоија по седум поени, Лениер Домингез, Фабијано Каруана, Андреј Есипенко, Алексеј Сарана, Пархам Магсудло, Арјун Еригаиси и Фредерик Сване.
– Нема да можам да го направам тоа повторно. Тоа е сигурно – изјави петкратниот светски првак во класичен шах, остварувајќи перформанс од 3.408 рејтинг-поени и освојувајќи нови 41 р.п.
Норвежанецот рече дека играл само со еден ривал со рејтинг поголем од 2.700, но победил седум велемајстори (ВМ). Карлсен за првото место заработи 60.000 евра и освои 25 поени. Тој има и серија од девет победи на супертурнирот со забрзано и со брзо темпо „Хрватска 2023“, но во класичен, а не во Фишеров шах. Од другите шахисти, триумф на турнир со сите победи им успеа на поранешниот светски првак Роберт Фишер на шампионатот на САД (1963-64), кога остварил 11 победи од исто толку партии, во класичен шах, потоа на ВМ од Ерменија, Карен Григорјан на турнирот „Фамаликао 2019“ во Португалија, кога победил со максимални девет поени, ЖВМ Андреа Навротеску на ланскиот турнир во Менчик со девет победи… Бидејќи турнирот во Карлсруе се играше со класична контрола, ова достигнување на Карлсен е прво од ваков вид.
Паралелно се одигра и отворениот турнир во Карлсруе, но во класичен шах, каде што настапија 875 учесници (31 ВМ, девет ЖВМ) од 55 држави. По девет кола победи ИМ од Индија, Асват (2.466), со осум поени. На турнирот играше и македонскиот интернационален мајстор (ИМ), член на Алкалоид, Филип Панчевски (2.428), кој со 5,5 поени го подели 139.-142. место. Г.И.