Фото: Емил Јованович

Натпреварот е отворен за секој член на „Чес“ што сака да вкуси како е да се игра против најсилниот играч во светот. Карлсен ќе игра сам со бели фигури, а шаховската заедница ќе игра со црни фигури и ќе гласа за секој потег

Поранешниот светски првак и моментно шахист со највисок рејтинг во светот, Норвежанецот Магнус Карлсен, ќе одигра една партија во т.н. Фишеров шах со членовите на заедницата „Чес“. Настанот почнува на 4 април, а Карлсен првпат ќе учествува на ваков настан. Натпреварот е отворен за секој член на „Чес“ што сака да вкуси како е да се игра против најсилниот играч во светот.
Во 1999 година, повеќе од 50.000 шахисти ги здружија силите за да играат против легендарниот поранешен светски шампион Гари Каспаров. Во тоа време, натпреварот го собори рекордот и се најде на насловните страници како најголемиот шаховски натпревар во историјата, пишува шаховската интернет-страница „Чес“. Минатата година „Чес“ прослави 25-години од тој натпревар со тоа што беше домаќин на уште една партија против уште еден легендарен шампион, овој пат Вишванатан Ананд. Речиси 70.000 играчи се приклучија на натпреварот за да го соборат претходниот рекорд и да одиграат возбудлива игра, каде што Ананд на крајот победи, пишува „Чес“.
Сега не само што ова е првпат Карлсен да игра меч против пошироката јавност туку е и првпат во историјата поранешен светски шампион да игра натпревар од ваква големина во Фишеров шах. Со оглед на огромната популарност на Карлсен, натпреварот има потенцијал да го собори рекордот на Ананд со надминување на границата од 70.000 учесници.
За време на натпреварот, група познати шаховски тренери ќе ѝ помагаат на заедницата шахисти. Тренерите ќе обезбедат анализа на играта и ќе ги објаснат сите точки на секоја позиција користејќи ја платформата за разговор Воут чес. Во таквиот натпревар наместо еден играч да одлучи каков потег да направи, група поединци гласаат за следниот потег. Мечот продолжува со потегот што ќе добе најмногу гласови до крајот на периодот на гласање.
Во „Магнус против светот“, Норвежанецот ќе игра сам со бели фигури. Тоа значи дека Карлсен сам ќе ги одреди сите потези што ќе ги одигра. Заедницата ќе игра со црните фигури и ќе гласа за секој потег. На крајот на секој 24-часовен период на гласање ќе се одигра потегот што добил најмногу гласови.
– Притоа не мора да се гласа за секој потег за да се учествува на овој натпревар. Дури и еден глас е доволен за да се биде на списокот на луѓе што играле на настанот. Така и ако сте премногу зафатени за да го играте целиот натпревар, сепак, можете да бидете дел од забавата со гласање одвреме-навреме, пишува „Чес“. Тренерите ќе ги споделат своите размислувања за мечот за да им помогнат на членовите на заедницата да смислат подобри потези. Тие ќе го направат тоа преку делот за коментари, информира „Чес“.
Во Фишеров шах (или шах во слободен стил или шах 960) фигурите добиваат случајна почетна позиција. Г.И.