СО ТРИУМФИТЕ НА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО БРЗ ШАХ
- Карлсен има светски титули во шах со сите три временски контроли (пет во класичен шах, шест во забрзан и девет во брз шах) и петти пат освојува двојна круна (титули со забрзано и со брзо темпо во иста година). Асаубајева претходно беше светска првенка во брз шах во 2021 и во 2022 година
Велемајсторот (ВМ) Магнус Карлсен (2.881 рејтинг-поени), по триумфот на Светското првенство (СП) во забрзан шах (15 минути плус 10 секунди по секој потег), го освои првото место и на СП во брз шах (три минути плус две секунди) за 2025 година, и двете одиграни во Доха (Катар). Норвежанецот во финалето го победи Нодирбек Абдусаторов (2.758) од Узбекистан со 2,5-1,5.
За Карлсен ова е деветта светска титула во брз шах (2009, 2014, 2017, 2018, 2019, 2022, 2023, 2024, поделба на трофејот и 2025 година), 20-та шампионска круна во сите три временски контроли (има пет светски титули во класичен шах, шест во забрзан и девет во брз шах) и петта двојна круна (титули со забрзано и со брзо темпо во иста година тој освои во 2014, 2019, 2022, 2023 и во 2025 година).
Но далеку од тоа дека ова беше лесно, оти само првите четворица во двете конкуренции се пласираа во полуфиналето. По двата дена и одиграни 19 кола, Индиецот Арџун Еригаиси (2.749) беше прв со 15 бода, Американецот Фабијано Каруана (2.751) втор со 14, Карлсен трет со 13,5, а Абдусаторов четврти со 13, во конкуренција на 252 учесници, пишува шаховската интернет-страница „Чес“. Вториот ден почна со драма уште во 14. коло, кога Карлсен, кој беше еден од 17-те играчи на еден поен зад водечките, загуби од Ерменецот Хаик Мартиросјан. Позицијата беше изедначена, но на четири секунди до истекот на времето, Карлсен кога одигра потег истовремено урна неколку фигури, и за да избегне губење време при местење на урнатите фигури, го сопре часовникот пред да ја поправи таблата. Партијата беше прогласена за изгубена од главниот судија, па Карлсен, мораше да освои 4,5 поени во преостанатите пет партии за да биде полуфиналист. Тој потоа во низа ги победи Рудик Макаријан, Бу Ксијангжи, Ихор Самуненков и Максим Вашер-Леграв и ремизира со Абдусаторов во последното коло. Во полуфиналето Абдусаторов го победи Еригаиси со 2,5-0,5, а Карлсен славеше на дуелот со Каруана со 3-1.
Кај шахистките, на само 21 година, Казахстанката Бибисара Асаубајева (2.428) ја освои својата трета светска титула во брз шах (претходно во 2021 и во 2022 година), победувајќи ја двократната шампионка, Украинката Ана Музичук (2.397) со 2,5-1,5 во финалниот меч, добивајќи ја последната партија, по трите ремија. Таа обезбеди место на Турнирот на кандидатки за предизвикувачка на светската првенка годинава. Во регуларниот дел, меѓу 140 учеснички, дури пет шахистки имаа по 11 бода од 15 кола. Асаубајева беше прва, Музичук втора, Холанѓанката Елин Роберс (2.377) трета, Кинезинката Жу Џинер (2.425) четврта, а петта Русинката Валентина Гунина (2.314), која поради најслаб бухолц-резултат, не отиде понатаму. Во полуфиналето, Асаубајева ја победи Жу со 3-0, а Музичук беше подобра од Роберс со 2,5-1,5. Асаубајева рече дека годинашната титула била најтешката од нејзините три, оти е освоена преку нокаут-формат. До 2023 година СП се играше само со швајцарски систем. Г.И.
СВЕТСКИ ТИТУЛИ НА МАГНУС КАРЛСЕН
класичен шах 5 (2013, 2014, 2016, 2018, 2021 г.)
забрзан шах 6 (2014, 2015, 2019, 2022, 2023, 2025 г.)
брз шах 9 (2009, 2014, 2017, 2018, 2019, 2022, 2023, 2024, 2025 г.)
































