Фото: Емил Јовановиќ

ГРАНСЛЕМ-СЕРИЈА ВО ФИШЕРОВ ШАХ

Светските шахисти број еден и два, велемајсторите (ВМ) Магнус Карлсен и Хикару Накамура, играат за главната награда од 200.000 долари во финалето на турнирот во Париз во рамките на шаховскиот Гранслем во т.н. Фишеров шах. Финалето почна вчера, а треба да се доигра денеска. Карлсен го совлада ВМ Фабиано Каруана, а Накамура, пак, го направи она што никој друг не успеа годинава, го победи ВМ Винсент Кејмер во партија шах во Фишеров шах со темпо на размислување како во класичен шах, пишува шаховската интернет-страница „Чес“.
Ова е втор турнир од новововедената серија турнири во Фишеров шах (почетната позиција на фигурите од првиот ред е според случаен избор). Во првиот, игран во февруари во Германија, победи Винсент Кејмер, пред Каруана и Карлсен. Гранслем-поени им се доделуваат на најдобрите десет играчи на секој турнир од оваа серија (25 поени за победникот, 18 за второпласираниот, 15 за третиот…), а во финалето на гранслем-серијата ќе се доделуваат двојно повеќе поени за истите позиции на табелата. Вкупно годинава треба да има пет турнира, а следните, според најавите, треба да се играат во Лас Вегас, Делхи и во Кејптаун. Н.М.