ШАХ
Магнус Карлсен ја освои својата седма титула на шаховскиот турнир во Ставангер (Норвешка), откако спаси загубена позиција на дуелот со Индиецот Арјун Еригаиси во последното коло. Американецот Фабијано Каруана, пак, имаше победа против светскиот првак, Индиецот Домарају Гукеш, но ја испушти, па така, Гукеш го освои третото место пред Американецот Хикару Накамура, кој загуби од Кинезот Веи Ји во дополнителната армагедон-партија.
Кај шахистките, Украинката Ана Музичук, која лани беше втора на женскиот турнир, сега победи. Таа одигра нерешено во класичен шах и во армагедон-партија против Ваишали Рамешбабу од Индија, но доволно за конечен триумф. Втора заврши Леи Тингџје од Кина, која со црните фигури славеше над Сара Кадем од Шпанија во единствената класична победа во последното коло. Индијката Химпи Конеру е трета.
Турнирот во Ставангер се играше со по шест учесници. Тие со своите конкуренти играа двапати во класичен шах (120 минути за 40 потези, плус 10 секунди зголемување од 41-от потег), победа носеше три поени, пораз нула, а ако беше реми, играчите добиваа еден поен и се бореа за уште половина во армагедон-партија (10 минути за белиот, седум за црниот, но црниот добива половина поен и со реми).
Табела, мажи: Карлсен 16, Каруана 15,5, Гукеш 14,5, Накамура 14, Еригаиси 13, Веи Ји 9,5. Табела, жени: Музичук 16,5, Тингџје 16, Конеру 15, Венјун 13,5, Рамешбабу 11, Кадем девет поени. Г.И.