Фото: Емил Јовановиќ

РЕЈТИНГ-ЛИСТИ НА ФИДЕ ЗА ЈАНУАРИ

  • На македонската листа во класичен шах нема промени, водат ВМ Романов во машка и ЖФМ Стојковска во женска конкуренција

Светската елита во декември беше особено активна на Светското првенство (СП) во забрзан и во брз шах. Немаше многу промени на ранг-листата на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) меѓу првите 100 во машка и во женска конкуренција во класичен шах. Норвежанецот Магнус Карлсен (2.840 рејтинг-поени) продолжува да ја предводи машката рејтинг-листа, а Кинезинката Јифан Хоу (2.613) останува на врвот меѓу шахистките, и тоа во сите три категории, класичен, забрзан и во брз шах
Во класичен шах зад Карлсен се Американците Хикару Накамура (2.810) и Фабијано Каруана (2.795), без промена во рејтинзите. Во топ 10, Холанѓанецот Аниш Гири (2.760) ги престигна Французинот Алиреза Фирузја (2.759) и Индиецот Прагнананда Рамешбабу (2.758), поместувајќи се од осмото на шестото место, но затоа што и двајцата изгубија рејтинг-поени на класичниот турнир во Лондон. Најдобриот германски шахист, Винсент Кејмер (2.776), остана на четвртото место со еден поен пред Индиецот Арџун Еригаиси. Во забрзан шах зад Карлсен (2.832) е Фирузја (2.755), а во брз шах втор е Накамура, кој е и единствениот со Карлсен со рејтинг над 2.800 поени (2.838).
Кај шахистките меѓу првите 10 нема промени во класичен шах, а листата ја предводи Јифан Хоу (2.617). По неа следуваат три нејзини сонароднички, Жу Џинер (2.579), Леи Тингџие (2.569) и Венјун Ју (2.564), а петта е Индијката Хампи Конери (2.535). Единствената во топ 10 со промена на рејтингот е Украинката Ана Музичук (2.522), која е осма, намалувајќи ја разликата во однос на Тан Жонгји (2.524) од Кина. Јифан Хоу доминира и во забрзан (2.529) и во брз шах (2.521). На втората позиција во забрзан шах е актуелната светска првенка со ова темпо на игра, Александра Горјачкина (2.512) од Русија, а во брз шах, Венјун Ју (2.465) од Кина.
На македонската машка листа во класичен шах без промени меѓу првите четворица, ниту на нивните рејтинзи, води ВМ Евгени Романов (2.567), пред ВМ Трајко Недев (2.469), ИМ Филип Панчевски (2.438), и пред ИМ Дејан Стојановски (2.412), а од шестото на петтото место се искачи ИМ Емил Ристески (2.406). Најмногу поени (17) освоија ВМ Звонко Станојоски (2.362), кој од 13-то се искачи на 11. место, и ФМ Димитар Качаковски (1.980), кој од 84-то сега е на 78. место. И кај шахистките нема промени, води ЖФМ Моника Стојковска (2.076), втора е ЖИМ Габриела Коскоска (2.002), трета Моника Жежовска (1.969), четврта ЖФМ Ивана Манова (1.962), петта Драгана Николовска (1.892)…
На машката листа без промени, водат САД (2.727), пред Индија (2.712) и Кина (2.653), Македонија назадуваше за едно место и сега е 55-та, меѓу 204 држави. И на женската нема измени, прва е Кина (2.495), втора Индија (2.400, 4), а трета Украина (2.383). Македонките загубија шест места и сега се 77. (1.919) меѓу 204 држави. Г.И.