На македонската листа водат Романов и Стојковска

ШАХ – РЕЈТИНГ-ЛИСТА НА ФИДЕ ЗА АВГУСТ

Рејтинг-листата на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) за август годинава беше првенствено под влијание на Светското првенство (СП) за жени во Грузија, меѓународниот шаховски фестивал во Биел и од неколку турнири низ Европа. Првите 10 на машката листа останаа непроменети. Поранешниот светски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен (рејтинг 2.839), и понатаму води, а актуелниот светски првак, Индиецот Домарају Гукеш (2.776), со ист рејтинг го дели петтото место со неговиот сонародник Арјун Еригаиси. Втор е Хакиру Накамура (2.807) од САД, трет неговиот сонародник Фабијано Каруана (2.784), а четврти е Индиецот Прагнананда Рамешбабу (2.779). Меѓу првите сто, 13 шахисти освоија нови рејтинг-поени, а 20 загубиле, пишува ФИДЕ.
Кај шахистките се забележаа неколку промени по СП. Леи Тингџие (2.565) се зацврсти на третата позиција и се приближи до својата противничка во натпреварот за титулата, актуелната светска шампионка Венјун Ју (2.570). Тан Жонгји (2.539) се искачи од осмото на четвртото место, а Жу Џинер (2.536), напредуваше за едно место и сега е петта. Победничката на СП, 19-годишната Индијка Дивја Дешмук, ја достигна својата највисока 15-та позиција во кариерата (2.478). На врвот и понатаму е неприкосновена ВМ од Кина, Јифан Хоу (2.609).
На македонската машка листа нема промени на првите пет позиции, води ВМ Евгени Романов (2.572), а потоа се ВМ Трајко Недев (2.475), ИМ Филип Панчевски (2.428), ВМ Александар Чоловиќ (2.412) и ИМ Дејан Стојановски (2.407). Нема промени и на првите пет места кај шахистките, прва е ЖФМ Моника Стојковска (2.067), а потоа се ЖФМ Весна Секуловска (2.064), ЖФМ Ивана Манова (2.020), ЖИМ Габриела Коскоска (2.000) и ЖФМ Моника Жежовска (1.973). Г.И.