Фото: Емил Јовановиќ

Норвежанецот Магнус Карлсен е победник на онлајн серијата Шаховски класик за 2025 година. Во финалето со Французинот Максим Вашер-Леграв тој ја доби првата партија по 24 потези, ремизира во втората и ја доби третата партија и победи со вкупно 2,5-0,5. Ако се земат неговите победи во сите пет финалиња на турнејата, Карлсен досега освои 22 финалиња во оваа категорија, во 18 партии во овој последен настан, тој не изгуби ниту една, со што ја освои главната награда од 25.000 долари.
– Навистина се надевав дека овој настан ќе биде многу добра подготовка за турнирот во Ставанегер, но веројатно не беше, оти одиграв минимален број партии, повеќе или помалку, за да го добијам турнирот. Направив некои подготовки, но не многу, па ќе видиме како ќе се пласирам во однос на некои од посериозните играчи – рече поранешниот светски првак Карлсен.
Со тоа заврши Шаховската турнеја на шампионите за годинава, а првите 12 ќе играат во јули на Светското првенство во е-спорт во 2025 година во Ријад (Саудиска Арабија). Тоа се: Карлсен, Хикару Накамура, Јан Непомнијашчи, Вашер-Леграв, Јан Кшиштов Дуда, Арјун Еригаиси, Нодирбек Абдусаторов, Владислав Артемиев, Алиреза Фирузја, Владислав Федосеев, Фабијано Каруана и Веи Ји. Шаховскиот класик е втората од двете етапи во Шаховската турнеја на шампионите за годинава. Од 19 мај најдобрите светски играчи се натпреваруваа на швајцарски турнир од девет рунди, со контрола на времето од 10 минути (без зголемување). Првите осум се пласираа во плејофот, четиридневен настан од 20 до 23 мај, со награден фонд од 150.000 долари. Г.И.