Врвни велемајстори од целиот свет ќе се натпреваруваат за светските титули
СП 2024 ВО ЗАБРЗАН И ВО БРЗ ШАХ ВО ЊУЈОРК
Со првите пет кола од вкупно 13 распоредени во три дена, во забрзан шах (15 минути плус 10 секунди по секој потег) на Отворениот турнир и четирите од вкупно 11 во три дена на женскиот турнир, во Њујорк, вчера почна Светското првенство (СП), а потоа следува Мундијалот во брз шах (три минути плус две секунди) на 30 декември, во 13 кола во еден ден на Отворениот турнир и 11 на турнирот за шахистки. На 31 декември ќе се играат (по нокаут-систем) мечевите од четврт-финалето со финалето во брз шах во двете конкуренции.
Врвни велемајстори од целиот свет ќе се натпреваруваат на овој турнир, кој традиционално се одржува во последната недела од годината. На СП ќе настапи поранешниот петкратен светски шампион во класичен шах, Норвежанецот Магнус Карлсен, кој е и играч со највисок рејтинг во обете конкуренции и бранител на двете титули. Ќе играат и тројца поранешни предизвикувачи за светската круна, Американецот Фабијано Каруана, Русинот Јан Непомнијашчи и Израелецот Борис Гелфанд. Кај шахистките, листата ја предводи актуелната светска првенка во класичен шах Ју Венјун од Кина, а ќе настапат и четири поранешни светски шампионки, Тан Жонгји, Марија Музичук, Александра Костењук и Жу Чен, како и други истакнати имиња.
На отворениот турнир во забрзан шах ќе настапат 181 шахист од 58 држави (136 ВМ, 31 ИМ, девет ФМ), а прворангиран е Карлсен (2.838 поени). На турнирот за жени ќе играат 112 шахистки од 36 држави (21 ВМ, 23 ЖВМ), а прворангирана е Ју Венјун (2.536). На отворениот турнир во брз шах се пријавени 183 шахисти од 58 држави (137 ВМ, прворангиран е Карлсен, 2.890), а кај шахистките 109 од 35 држави (30 ВМ, 23 ЖВМ, прворангирана е Леи Тингџие од Кина,2.491). Кај шахистите во забрзан шах, најмногу титули, пет, освои Карлсен (2014, 2015, 2019, 2022, 2023), а има и седум во брз шах (2009, 2014, 2017, 2018, 2019, 2022, 2023). Кај шахистките Ју Венјун има две во забрзан (2017 и 2018) и Катерина Лагно три во брз шах (2010, 2018, 2019). Титулите од лани ги бранат Карлсен и во забрзан и во брз шах и Анастасија Боднарук од Узбекистан во забрзан и Русинката Валентина Гунина во брз шах. Г.И.