Бранејќи го голот на повеќе познати македонски клубови, Димовски имаше навистина возбудлив фудбалски живот. Доживеа пријатни моменти во најфудбалскиот град Прилеп. Кариерата ја продолжи со менаџерска работа

Љупчо Димовски (2)

Во 1975 година, кога со Вардар беше освоен младинскиот шампионат на поранешна Југославија, Љупчо Димовски беше интересен за многу клубови од тогашните југословенски простори. Но не помислуваше да го напушти Вардар и посакуваше да остане во клубот за кој мечтаеше од детските години. Сепак, откако виде оти покрај повозрасните и поискусни голмани, Шаренац и Филиповски, ќе нема шанса да биде прв голман, одлучи да ја бар среќата а во друга средина. Тоа што беше меѓу најзаслужните за младинската титула во Југославија, а имаше забележителни настапи и за младинската репрезентација на Југославија со која беше освоен „Трофејот на Југославија“ во Белград, многу не му помогна да застане на голот на сениорската екипа на Вардар.
– Имав многу понуди, кои особено зачестија по моите извонредни одбрани кога станавме прваци на Југославија. Тогаш и весниците беа полни со фалби за моите одбрани, што, од друга страна, им го привлече вниманието на тренерите од повеќето клубови да се заинтересираат за мене. Насловот во белградски „Спорт“, најтиражниот спортски весник на подрачјето на поранешната држава: „Димовски го донесе пехарот во Скопје“, не само што беше интригантски туку беше и мамка за тренерите. Тогаш се чувствував многу пријатно, бев горд што имав голема заслуга за триумфот на Вардар, но, за жал, во овој клуб поради силната конкуренција не можев да останам. Знаев оти, покрај Шаренац и Филиповски, тешко ќе може да се изборам да бидам прв голман во сениорскиот тим, затоа помислував на заминување. Во моментите кога низ главата ми се вртеа многу комбинации се појави Златко Илиевски, кој беше еден од вардаровите тренери, кој практично го откри и го доведе во клубот и Дарко Панчев, најголемата вардарова и македонска фудбалска sвезда. Тој во тоа време беше тренер на прилепска Победа, која, исто така, беше бренд на македонскиот фудбал, а за Прилеп се велеше оти е најфудбалскиот град на Балканот. Ова беше вистина, зашто кога на другите стадиони во Македонија се собираа одвај по 1.000 гледачи, во Прилеп бројката беше над 10.000. Тоа беше предизвик за сите фудбалери, зашто секој сака да игра пред толкав аудиториум. Затоа, јас како млад голман не можев да ја одбијам понудата од Златко Илиевски. Откако потпишав договор и дојдов во прилепскиот тим, дури тогаш почувствував што значи да си фудбалер на Победа. Тоа беше нешто феноменално, би рекол и неповторливо. Никогаш нема да го заборавам тоа доживување кога со автобусот доаѓавме од мотелот кај езерото, каде што вообичаено одевме во карантин пред мечевите, кога пред нас ќе се отвораше една невообичаена глетка и кога голема маса луѓе се движеше по улиците одејќи кон стадионот „Гоце Делчев“. Кожата ми се ежеше, не можев да поверувам оти ова навистина се случува. Затоа, не случајно, за Прилеп се велеше оти е најфудбалскиот град, не само на нашиве простори туку пошироко и на Балканот – се сеќава Димовски.

Генерација за паметење

Во тоа време Победа имаше навистина една извонредна генерација. Во неа беа легендарните Ристе Глигороски, потоа Манески, Ѓорѓиоски, Сусулески, Конески, Кулески, подоцна и Магдески и уште неколкумина фудбалери што оставија печат не само во прилепскиот туку воопшто во македонскиот фудбал.
– Се сеќавам на два натпревара, кои посебно ми се врежаа во меморијата, бранејќи го голот на Победа. Првиот е оној на гостински терен со Тиквеш во Кавадарци, а вториот со Тетекс пред повеќе од 20.000 гледачи во Прилеп. Јас не знаев дека меѓу Тиквеш и Победа владее толку голем антагонизам, кој одеше дотаму што сите знаеја оти двата клуба се ептен „зајадени“. Во една таква атмосфера, во борба за престиж, знаеше да се вжешти и атмосферата на трибините. Кога на ова ќе се додаде оти двата тима беа речиси со еднаков квалитет, тогаш сѐ ќе стане јасно. Имавме квалитетна генерација, но и Тиквеш имаше една респектабилна постава во која се истакнуваа Кимов и Недев. На овој натпревар победивме со 1-0. Втората средба што посебно ја паметам беше со Тетекс. Верувале или не, на прилепскиот стадион имаше повеќе од 20.000 гледачи, што би се рекло немаше игла каде да падне. На тој меч поведовме со голот на Глигороски, а потоа со погодокот на Тортевски дојдовме до конечен триумф од 2-1 – вели Димовски.
Ова се два интересни меча од престојот во Прилеп. Но Димовски имаше и други моменти што дури и од оваа временска дистанца будат спомени.
– Во финалниот натпревар за Купот на весникот „Вечер“ во Прилеп, кога јас бев на голот Металург, во финишот при резултат 0-0 скокнав највисоко во букетот од играчи и во стилот на мојот идол Мутибариќ, иако ризично, со една рака ја фатив топката. Сите беа изненадени од овој потег, а тренерот Дончо Бојаџиевски-Грк за малку ќе „полудеше“. Не можеше да сфати зошто ми беше една ваква егзибиција кога се „кршеше“ резултатот. Сепак, сѐ добро се заврши и на крајот победивме и го освоивме пехарот на „Вечер“ – рече тој.
Љупчо Димовски во Металург дојде од ФЦУ и таму остана пет години во кои беше прв голман на тимот од Автокоманда.

Киднапиран од струмичани

По добрите одбрани во Металург за Димовски беше заинтересирана Војводина, но овој трансфер не се оствари зашто буквално беше киднапиран од Беласица. Тогашниот тренер на струмичани легендарниот голман Благој Истатов по секоја цена сакаше да го види на голот на неговиот тим и им „нареди“ на луѓето од управата како знаат да потпишат договор со него. Додека не го сторат тоа, да не го пуштаат да замине од Струмица.
– Иако на невообичаен начин станав член на Беласица, мора да кажам дека воопшто не зажалив што дојдов во Струмица. Тогаш имавме и одлична генерација, па во оваа пригода би ги споменал Василев, Георгиев, Зајков, Секулов, Шабани, Пане Блажевски, Јорданов, Борче Јовановски и други. Со битолчанецот Јовановски имавме одлична соработка. Тој беше брз, па јас му велев, кога ќе дегажирам ти тргни кон противничкиот гол, топката ќе те најде. И навистина така беше, од вака смислени контри паднаа неколку гола – вели Димовски.
Инаку, од тоа време Димовски најмногу се сеќава на средбите со Брегалница, која во своите редови ги имаше Штериев и Христовски, кои подоцна заиграа и во Првата лига, едниот за Вардар, другиот за Олимпија.
– Овие мечеви беа да се биде или не. Се играше бескомпромисно, а што значеа тие за Струмичко-штипскиот Регион најубаво говори и податокот што средбите ги следеа секогаш повеќе од 10.000 гледачи. Овие дуели беа празник за фудбалот и за едните и за другите, без оглед дали се игра во Струмица или во Штип – вели Љупчо.

Крај на играчката кариера во ФК Скопје

Фудбалската кариера на Љупчо Димовски и понатаму беше динамична, иако помислуваше на повлекување.
– Но до тоа не дојде, зашто едноставно не можев да пресечам и да го замислам животот да ми врви без фудбалската возбуда. Од тие причини ја прифатив понудата на Тетекс, каде што останав две години, за подоцна да дојдам уште три години онаму каде што почнав, во Работнички. И кога конечно мислев оти овде ќе ставам крај на играчката кариера, откако веќе се збогував од Работнички, популарниот Ванчо Балевски ме убеди да дојдам во Скопје каде што беше тренер. Овде продолжив да бранам уште две години, за на 36 години конечно да ставам крај на играчката кариера – рече тој.
Нема сомнение оти Љупчо имаше интензивен фудбалски живот, кој тука не прекина. Напротив, на инсистирање на неговиот постар колега и познат голман Алексо Мацков, тој продолжи да работи како тренер. Така, во почетокот на овој дел од кариерата тој го засили стручниот штаб на Балкан, а потоа почна и неговата тренерска одисеја. Од Чаир неговиот тренерски живот се одвиваше најмногу во македонските клубови, па така, беше тренер во Скопје, Струга, Кичево, Гевгелија, Куманово, со еден збор насекаде низ Македонија. Кога мислеше оти засекогаш ќе остане на домашен терен, тој отвори една нова страница и како тренер почна да крстосува низ клубовите во Грција. Почна од Касторија, па по препорака на Сандре Маневски, кој своевремено беше една од sвездите на ФК Јанина, Димовски дојде за тренер во овој клуб. Од таму му стана помошник на Германецот Мајер во Кавала, а по една сезона повторно дојде во Костур. Оттука се пресели во Трикала, каде што беше вклучен во стручниот штаб на тимот, кој играше одлично и се избори за прволигашкиот статус. Но Трикала беше казнета, а на Димовски не му остана ништо друго, освен да се врати дома. Кога сите помислија оти конечно подолго ќе остане во Македонија, доаѓа нов предизвик. Стана тренер на Перикос од Катерини, каде што остана една година и така го заокружи својот тренерски стаж кај јужниот сосед на седум години.
Нашиот легендарен голман не може да мирува, па сите очекуваат повторно да прифати некој нов предизвик. Очигледно Димовски не може без фудбал, а и фудбалот е посиромашен без него, зашто навистина тој претставува една интересна личност, исполнета со многу доживувања.