Задоволен сум од постигнатото по првиот натпреварувачки ден и се надевам дека и Мојсовска и Михајлов ќе направат сѐ за да освојат златни медали, затоа што поседуваат квалитет, а досега многупати го докажале тоа на европската и на светската сцена, вели Заборски, селектор на универзитетската репрезентација
ЕВРОПСКА УНИВЕРЗИЈАДА ВО БОРАЧКИ СПОРТОВИ
Голем успех на македонското карате на Европската универзијада во борачки спортови (карате, џудо, таеквондо и кикбокс), кое завршува утре во Варшава (Полска), откако каратистите Ангела Мојсовска (категорија до 68 кг) од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје и Љупче Михајлов (до 75 кг) од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип денеска ќе се борат за златните медали.
Мојсовска, членка на КК Макпетрол, до финалето стигна откако ги победи Нина Лукенда (8-4) од Хрватска, Амина Фејзиќ (4-3) од БиХ и Влере Керими (3-1) од Косово. Во финалето ќе се соочи со Мустафа Бехије од Косово. Михајлов, пак, беше подобар од Аднан Карача (7-1) од БиХ, Кара Абдулјадир (1-0) од Турција, Дмитро Федотов (4-0) од Украина и Нико Шпарер (4-0) од Швајцарија. За златото ќе се бори со Омер Фарук од Турција.
Селекторот на универзитетската репрезентација на Македонија и тренер на КК Макпетрол, Бошко Заборски, се надева дека и Мојсовска и Михајлов ќе направат сѐ за да освојат златни медали, оти и двајцата имаат квалитет, а многупати досега го докажале тоа на европската и на светската сцена.
– Мојсовска имаше одличен настап, извојува три победи и се пласира во финалето, а Михајлов го стори тоа со четири победи. Задоволен сум од постигнатото по првиот натпреварувачки ден и се надевам дека и Мојсовска и Михајлов ќе направат сѐ за да освојат златни медали, затоа што поседуваат квалитет, а многупати досега го докажале тоа на европската и на светската сцена – вели Заборски.
На Европската универзијада во борачки спортови во Варшава учествуваат спортисти од 400 универзитети од 32 држави во четири спорта, а Македонија е застапена со девет каратисти од пет македонски универзитети. Г.И.