Кајакарството кај нас првите „завеслувања“ ги направи во 1934 година, кога беше формиран Бродарскиот сојуз. Книгата на големиот кајакарски ентузијаст Душко Симоновски најубаво ни ги опишува почетоците во овој спорт. Потсетување и на Светското првенство во 1975 година одржано на реките Треска и Радика
Поглед кон минатото (1)
Има луѓе што со своите ангажмани и придонес за развојот на определени области од општествениот живот оставиле силен печат на своето време, па токму поради тоа никогаш не треба да паднат во сенката на заборавот. Едноставно, тие личности треба да бидат почитувани од идните генерации, зашто без нивниот ентузијазам и љубов со кои влегувале во сферата во која дејствувале, денес ќе бевме посиромашни за многу нешта. Што се однесува до спортот, јас тие личности би ги поделил на две групи, едната е онаа составена од поранешни активни спортисти, а втората од оние што немале допирни точки со спортот, но тој ги заинтригирал и сакале да влезат во него колку што можат да помогнат во неговиот развој и квалитетно издигнување. Со еден збор, не треба секој да бил спортист, па потоа да продолжил како функционер, зашто има луѓе што воопшто не биле спортисти, а благодарение на своите способности станале препознатливи функционери. Еден од оние што ѝ припаѓаат на првата група, значи спортисти и функционери, е Душко Симоновски.
Тој како млад почнал со скијањето, потоа поминал во атлетиката, за на крајот да заврши во кајакарството. Токму овде, во овој спорт, кој во Македонија заживеал во 1934 година, Симоновски стана препознатлив во спортската јавност, а нема да згрешам ако кажам и легендарен. Впрочем, подолу во овој текст ќе се уверите оти она што го пишувам е вистина.
Легендарниот Душко Симоновски
Ова што сега ќе го презентирам за вредниот Душко Симоновски е резултат на моето лично искуство, зашто како новинар кога стануваше збор за кајакот имав многу контакти со него. Тој беше човек полн со енергија, а колку многу се вложуваше во кајакарскиот спорт најубаво се уверив во 1970-тите години, кога двајцата бевме членови на Организацискиот комитет на Светското првенство во кајак на диви води во слалом и спуст, кое се одржа во 1975 година на реките Радика и Треска. Тогаш видов колкава е љубовта кај Душко кон кајакарството и со каков самопрегор влегуваше во реализацијата на сите неопходни активности, со единствена цел Светското првенство да биде што поуспешно. На крајот навистина беше така. Првенството во чија организација беа вклучени и многу поранешни кајакари и други спортски работници беше организирано на највисоко ниво.
Во тоа можеше да се увери и многубројниот ТВ-аудиториум, кој благодарение на секојдневните преноси на МТВ и Евровизијата имаше можност во целост да ги следи возбудливите трки во спустот на Радика и слаломот на Треска. На крајот импресионирани од сѐ што се случуваше и начинот на кој беше реализирана оваа приредба, учесниците на СП им упатија голем број комплименти и честитки на организаторите. Реките Треска (слалом) и Радика (спуст) им останаа во сеќавање на сите кајакари, зашто тие им овозможија максимално да ги прикажат своите квалитети. Ако пред почетокот постоеше некаква скепса и сомнеж околу тоа дали ќе успееме на високо ниво да го организираме големиот настан, на крајот се виде оти немало никаква причина за загриженост. Меѓу оние што беа особено среќни и добиваа честитки на секој чекор, се чини дека, сепак, најсреќен беше Душко Симоновски, кој како генерален секретар на Организацискиот комитет практично беше алфа и омега во реализацијата на овој светски меганастан.
Инаку, СП се одржа под покровителство на Киро Глигоров, кој во тие години беше претседател на Собранието на поранешна СФРЈ, а од другите политичари директно вклучен во реализацијата на проектот беше Благој Попов, кој беше и претседател на Извршниот одбор на Организацискиот комитет. Тука имаше и други личности од политичкиот и стопанскиот живот, кои не се штедеа и дадоа голем придонес во севкупната организација на првенството. Но, сепак, мора да се истакне оти главниот товар падна на грбот на кајакарските работници, кои со своето дотогашно искуство и знаење беа главни носители на сите активности поврзани со самиот натпревар, иако своја помош понудија и другите спортски работници, кои се вклучуваа според своите афинитети во другите организациски сегменти.
Книга со историско значење
Е, сега ќе го кажам она што не е тајна и сите добро го знаат оти за да остане сето тоа што се случуваше околу организацијата и реализацијата на СП забележано, се погрижи токму Душко Симоновски. Многу списи и записи од ваквите манифестации може да се загубат и сѐ оди во заборав ако нема некој зачуван пишан документ. А, кајакарите и сите вљубеници на спортот во Македонија не само што имаат документ туку и една цела книга за кајакарскиот спорт во Македонија, во која посебен акцент се става на Светското првенство, напишана токму од легендарниот Душко Симоновски. Во книгата се спомнати имињата на сите личности што ги сочинуваа Организацискиот комитет, Извршниот одбор и 19-те комисии, како и редакцијата што една година пред одржувањето на манифестацијата до сите национални федерации испраќаше сукцесивно брошури (вкупно пет) со неопходните податоци за организацијата, природните услови, турбуленцијата на водата во двете реки, како и за другите елементи интересни за гостите што требаше да дојдат на првенството.
Сето тоа педантно е забележано во книгата на Симоновски, која ќе остане како траен документ не само за првенството туку и за тоа како се развиваше кајакарскиот спорт, особено оној на диви води. Па, еве и јас ќе искористам и презентирам некои податоци од таа книга, која сведочи за едно убаво време на кајакарството, кое токму поради природните услови и заинтересираноста на младите да се занимаваат со овој спорт стана еден од најквалитетните, а на Олимпијадата во Минхен во 1972 година во името на Миле Спасовски го имавме и првиот кајакарски олимпиец, кој постигна одличен резултат со пласманот на деветтото место.
Сиот потенцијал вклучен во организацијата на СП
Ова е момент да се споменат и претставниците на тогашната ЈНА, кои беа раководени од нивните претпоставени, во случајов Никола Радуловиќ и Данило Поповиќ, кои ги впрегнаа сите сили за да се реализира целокупниот проект, особено оној дел што беше поврзан со патеката, а подготвен од институтот „Руџер Бошковиќ“ од Загреб. Армијците, меѓу кои имаше и припадници на инженерската единица, беа неопходни зашто по текот на реката имаше многу ризични места на кои за да се добие потребната турбуленција на водата, во коритото мораше да се вградат, специјални гребени. Исто така поради фактот што со овие зафати и матицата ќе станеше побрза и подива, мораше да се интервенира и на двата брега, кои требаше да се зацврстат за да не дојде до нивно попуштање, па дури и уривање при налетот на поголемо количество вода. Сето тоа мораше навреме да се испита и квалитетно да се сработи. Тоа беше напорна и одговорна работа, која припадниците на ЈНА успешно ја завршија.
Откако беа завршени сите работи, членовите на Натпреварувачката комисија на ИЦФ, Меѓународната кајакарска организација, дојдоа во контрола и откако видоа што сѐ е сторено на самата патека дадоа виза за одржување на Светското првенство. Тие беа изненадени од стручноста на нашите луѓе, а подоцна патеката на Треска беше посочувана како пример, како треба да изгледаат и другите патеки на кои би се одржувале светски првенства или други меѓународни натпревари. Со многуте иновации спортско-рекреативниот центар „Треска“ стана пример во светот на кајакот на диви води.
Добра работа од сето ова, тоа го пишува и во својата книга Душко Симоновски, е што патеката остана да им служи на идните генерации. Таа е привлечна за кајакарите и од другите земји и на неа веќе со години се одржува традиционалниот ИКАС, Илинденски кајак-слалом. Меѓутоа, радува фактот што странските кајакари не се присутни само на ИКАС туку тие често ја користат патеката за тренинг и подготовки за идните настапи на големите приредби. Така, пред почетокот на сезоната речиси редовно на Матка има странски кајакари, особено од европските земји. Тоа е уште една потврда за нејзиниот квалитет. Тие се сигурни оти кога ќе дојдат тука, на веќе добро познатиот терен, ќе имаат максимални услови за тренинг. Истовремено можеби ќе откријат и нешто ново, па тоа ќе им биде добро искуство пред настапот на следниот ИКАС.
Идната недела ќе читате за првите спустови по реката Вардар, а и за историскиот спуст на реката Рајна (Германија) во 1961 година, во кој заедно со германските имаше и осуммина наши кајакари. Тие беа од онаа прва генерација, која многу придонесе за афирмацијата и за квалитетното издигнување на македонскиот кајакарски спорт. Настапот во Германија беше само почеток на она што се случуваше во годините подоцна, кога многу македонски кајакари настапуваа и за репрезентацијата на поранешна Југославија.