За време на добро застанување, помеѓу 2,2 секунди и светскиот рекорд на Мекларен од 1,8 секунда, слушате само два звука, првиот се апаратите за четирите тркала, кои едногласно ги одвртуваат навртките, вториот е прицврстувањето на новите навртки, пишува Ф1. Стандардите за питстоп во модерната Ф1 се многу високи. Но како функционира сето тоа?
ФОРМУЛА 1
Откако ќе поминете доволно време сведочејќи на застанувања на болид од Формула 1 (Ф1) во боксот, ќе заклучите дека добар питстоп е нешто што го слушате, наместо што го гледате. За време на добро застанување, помеѓу 2,2 секунди и светскиот рекорд на Мекларен од 1,8 секунда, слушате само два звука, првиот се пиштолите за одвртување на тркалата, кои едногласно ги одвртуваат навртките, вториот е прицврстувањето на новите навртки, пишува Ф1. Стандардите за питстоп во модерната Ф1 се многу високи. Но како функционира сето тоа?
Подгответе се
Работите во питстопот се водат од боксот, обично од спортскиот директор, менаџерот на тимот или од оперативниот директор. Тие го повикуваат екипажот на позиција и даваат инструкции за тоа кој болид, кој комплет гуми и колку треба да се намести предното крило. Тие потоа доставуваат ажурирања за позицијата додека болидот се приближува кон боксот. Откако дознава дека автомобилот доаѓа, екипажот е на позиција. Тоа е идеално 15-20 секунди пред да пристигне болидот, ги подготвуваат тркалата и ги проверуваат основните и резервните пиштоли. Седиштето што секој го има во гаражата е избрано за да се минимизираат судирите за време на оваа подготовка. Целиот питстоп почнува пред да застане автомобилот. Операторот на дигалката го апсорбира ударот додека крева и тогаш часовникот почнува да работи. При солиден питстоп од 2,2 секунди, предниот приклучок ќе биде целосно наместен за 0,3 секунди, за 0,8 секунди операторот на дигалката ќе почне да оди настрана за да му овозможи на болидот лесно да излезе, а по 1,6 секунда операторот е подготвен да го притисне копчето за брзо ослободување што го спушта автомобилот, што ќе се случи на околу 2,1 секунди. Работата на операторот на задната дигалка доаѓа малку по тој на предната страна, едноставно затоа што не може да се придвижи во позиција додека автомобилот не помине покрај него, но тие веќе ќе бидат во движење пред болидот да стигне на предната дигалка. Задниот дел на автомобилот ќе биде кренат за околу 0,4 секунди по застанувањето и ќе биде спуштен на околу 2,1 секунди.
Гуми, крило, семафор
Главниот дел на питстопот го вршат екипите за менување тркала. Површно, сите четири агли на автомобилот изгледаат исто, но има разлики помеѓу предни и задни, па дури и помеѓу леви и десни. Задните тркала, бидејќи се поголеми и потешки, бараат поголема сила и потпора за маневрирање, а тркалата со вдлабнати навртки значат дека механичарите треба да почекаат болидот да застане, за разлика од тие на предните тркала ,кои работат на тркалото пред болидот да застане. Тркалата треба да бидат извадени на околу 0,6 секунди, обично предните пред задните. За 1,2 секунда новото тркало е поставено, на околу 1,9 секунда копчињата за потврда се притискаат и автомобилот е подготвен за тргнување. Другиот активен дел од застанувањето е приспособување на предното крило, а за тоа членови на екипажот работат од непосредно пред автомобилот да застане до моментот кога автомобилот ќе биде спуштен.
Секој тим користи систем со семафори. Одлуката за тргнување останува во рацете на човек, постар член од тимот, обично главниот механичар, одговорен за управување со светлата за пуштање на болидот. Тие добиваат потврдни светла од операторите на пиштолите за гуми, преку систем што покажува дека тркалата се зацврстени, а гледаат и околу болидот за да се уверат дека се случило сѐ што треба и за да се осигурат дека болидот има простор безбедно да излезе од боксот. Овој дел има тенденција да биде бавен, при што „небезбедното ослободување болид“ е честа причина за казни, пишува Ф1.
Колку члена има тимот?
Ако ги прашате 10-те тима колку луѓе се вклучени во питстоп, најверојатно ќе добиете десет различни одговори, пишува Ф1. На активните членови на екипажот треба да се додадат резервни оператори и екипажот во мирување со противпожарни апарати, често има втор член на екипажот што го гледа задниот дел од автомобилот, а потоа се аналитичарите, кои ќе ги прегледаат застанувањата, тренери што ќе го загреат екипажот и медицинскиот персонал за да се осигури дека се подготвени и соодветно хидрирани. Но, единствениот член на екипажот што често се занемарува е возачот. Во секој одличен питстоп возачот треба да застане токму на ознаките во боксот, а во секој добар питстоп тие се многу блиску. Екипажите често користат ласерски маркери за да ги постават механичарите, но тоа ниво на прецизност не важи ако возачот не застане точно каде што треба. Вежбањето и повратните информации се од витално значење за постигнување на ова ниво на точност. Кај ознаките во боксот често има мерна скала, што му овозможува на екипажот да процени колку возачот застанал подоцна или порано, лево или десно или искривено.
Гледајќи ја табелата за награди за најбрз питстоп, таа има тенденција да го отслика пласманот на шампионатот на конструктори, со тоа што тимовите со брзи автомобили обично ги прават и најдобрите питстопови. Ова не е недостиг од напор или дефицит од талент, едноставно последица на тоа како тимовите избираат да го трошат својот буџет, пишува Ф1. Подобрувањето на питстоповите е скапа работа. Потребни се дизајнерски тимови што постојано ја рафинираат опремата, фабрички макети, аналитичари за движење, тренери на екипажот и најсовремени фабрички спортски сали. За тим од долниот дел на табелата побрзите застанувања во боксот ќе намалат неколку десеттинки во нивната трка, но префрлањето на тие пари во развојот на аеродинамиката може да намали неколку десеттинки од секој круг и тој начин е многу подобро искористување на ресурсите, пишува Ф1. Во врвот на табелата, перформансите во питстоп може да вредат позиции и поени.
Зимска подготовка
Најголемиот дел од подготовките се врши во текот на зимските месеци, со избор на тим, тестирање и приспособување на нова опрема и, се разбира, многу вежбање. Тоа не е нешто набиено околу други активности, туку е внимателно планирана развојна активност. Во текот на минатите неколку години болидите станаа потешки, тркалата се поголеми и повеќе безбедносни правила беа воведени во операциите во питстопот, но, сепак, времето на застанување опадна. Додека некои од тие подобрувања уште доаѓаат од развојот на опремата, токму овие човечки фактори се заслужни за неколку десеттинки.
Трката за титулата навистина не можете да ја сведете на индивидуален момент, но последната трка во 2024 година дава голема илустрација колку е клучен добар питстоп, пишува Ф1. Во Абу Даби, во 25-от круг, Карлос Саинц замина во бокс, обидувајќи се да го претекне Ландо Норис. Норис одговори во следниот круг. Ако питстопот не биде добар,Мекларен го губи водството и веројатно шампионатот за конструктори во 2024 година, а ако биде направен како што треба, Норис го задржува тенкото водство. Тоа е најголемиот притисок за екипажот, кој е свесен дека нивниот тим не бил шампион од 1998 година. Норис ги погоди своите маркери, екипажот на Мекларен го сервисира болидот за 2,07 секунди, а тој го задржа водството, победи и со тоа ја обезбеди титулата. Тоа беше најбрзиот питстоп на денот, иако не ви треба стоперка за да знаете дека е добар, можете да го слушнете, пишува Ф1. Н.М.