Фото: ЕПА
  • Реформирањето на календарот е очигледно решение, но не може лесно да се постигне со оглед на сложената природа на управувањето со тенисот, каде што четирите гранслем-турнири, АТП, ВТА и ИТФ, имаат контролни интереси, пишува „Би-би-си“

Кога Дарија Касаткина ја скрати сезоната во октомври лани, поранешната осма светска тенисерка во светот го опиша тоа со чувство како да удрила во ѕид. „Распоредот е премногу голем. Ментално и емоционално сум на критична точка и, за жал, не сум сама“, напиша таа, пренесе „Би-би-си“. Украинката Елина Свитолина, двократна полуфиналистка на Вимблдон, веќе објави дека не е во „ментален простор“ да продолжи, а актуелните гранслем-шампиони, Ига Швјонтек и Карлос Алкараз, веруваат дека календарот е предолг. Темата продолжува да се дебатира додека водечките тенисери во светот се собираат повторно во Австралија за почетокот на новата сезона. Малку подолга пауза отколку за минатата година е добредојдена. Сепак, неколку недели не се сметаат за доволно време за правилно закрепнување пред да почнат подготовките за 11-месечната сезона што се смета за една од најтешките во професионалниот спорт, пишува „Би-би-си“.
– Барањата на тенисот се потешки од кога било досега. Натпреварите и измените на удари се подолги, играчите се побрзи, ја удираат топката посилно. Им должиме на нашите играчи да ги заштитиме и да им дадеме поодржлив спорт – изјави за „Би-би-си“ д-р Роби Сика, медицински директор на Здружението на професионални тенисери (ПТПА).
Кои понатамошни чекори би можеле да се преземат?

СКРАТУВАЊЕ НА СЕЗОНАТА

Сезоната во 2025 година траеше 47 недели за многу тенисери, почнувајќи со тимскиот настан на Јунајтед-купот на 27 декември 2024 година и завршувајќи со финалето на Дејвис-купот на 23 ноември. Женската сезона заврши две недели порано кога финалето на ВТА-турнејата заврши на 8 ноември. ИТФ го помести финалето на купот „Били Џин Кинг“ за септември за да помогне во борбата против проблемите со распоредот. АТП-турнејата вели дека не ги зема „лесно“ грижите на играчите, а ВТА-турнејата вели дека благосостојбата на играчите „секогаш ќе остане врвен приоритет“, пишува „Би-би-си“. Тоа не ја смири ПТПА, која почна правна постапка против машките и женските турнеи во март, наведувајќи „антиконкурентски практики и очигледно непочитување на благосостојбата на играчите“. Основана во 2020 година со мисија за заштита на интересите на играчите, ПТПА вели дека должината, физичката природа и распоредот на натпреварите земаат свој данок. Реформирањето на календарот е очигледно решение, но не може лесно да се постигне со оглед на сложената природа на управувањето со тенисот, каде што четирите гранслем-турнири, АТП, ВТА и ИТФ, имаат контролни интереси, пишува „Би-би-си“.
– Треба да размислиме дали можеме да добиеме време на крајот на годината за продолжена пауза, или можеме да добиеме време во текот на сезоната за да има мини-пауза – вели д-р Сика, кој е и тимски лекар на Њујорк јенкис.
Поранешниот светски рекет број еден, Енди Родик, кој многу време се залага за промени, вели дека сезоната не треба да трае подолго од 1 ноември. ATP-турнејата го намали бројот на настани што се сметаат за рангирање од 19 на 18 за 2026 година, што верува дека ќе ги намали „вкупните барања“ до играчите. И ВТА-рангирањето е базирано на 18 турнири, но од водечките играчи се очекува да играат најмалку 20 задолжителни турнири, и тоа на четири гранслем-турнири. Десет мастерс-турнири од серијата 1.000 и шест 500-ки.
– Еден момент што често се занемарува е што играчите ги избираат своите распореди. Таа слобода е ретка во професионалниот спорт. Но со тоа доаѓа и одговорност, да се знае кога да се потрудите, а кога да се одморите – рече претседателот на АТП, Андреа Гауденци.
Исто така, критикувано е и растегнувањето на неколку задолжителни турнири на АТП и ВТА на две недели, односно создавање таканаречени „минислем-турнири“, пишува „Би-би-си“.
– Мислам дека играчите ментално се поуморни и поисцрпни затоа што поминуваат повеќе денови надвор и повеќе денови на пат – изјави Енди Мареј, поранешен британски машки светски тенисер број еден, за „Тенис поткаст екстернал“.
Освен менталното исцрпување, постојат загрижености за зголемените физички барања.

ПОМАЛКУ ДОЦНИ НОЌНИ ДУЕЛИ И ПОГОЛЕМА КОНЗИСТЕНТНОСТ НА ТОПЧЕТО

Кога Мареј го заврши натпреварот на Австралија опен во 4.5 часот по локално време во 2023 година, тоа ветуваше дека ќе предизвика промени. Во 2024 година, ВТА и АТП воведоа правило, според кое, се спречува мечевите да почнуваат по 23 часот. Но и понатаму имаше случаи натпревари што завршија многу по полноќ, а д-р Сика инсистира дека не може да се дозволи да се „романтизира“.
– Кога ќе завршите со играње, едноставно не се враќате дома. Мора да разговарате со медиуми, да закрепнете, да работите со физиотерапевт, потоа одите во хотел и се опуштите. Вашиот ден не завршува на полноќ или во еден часот наутро, туку во 3 или во 4 часот. Следниот ден мора да играте. Вашето тело, мозок и нерви немаат шанса да закрепнат. Нема друг спорт што го налага тоа – рече тој.
Различните турнири и играњето со различни топчиња, што доведува до промени во тежината и во темпото, се наведуваат како извор на зголемени повреди на горниот дел од телото. Британката Кејти Болтер вели дека „играчите сакаат поголема конзистентност на топчето“.
– Имав многу повреди на раката, рамото, зглобот и гледам сѐ повеќе вакви повреди низ турнеите – изјави таа за „Би-би-си“ во мај.
Поранешниот шампион на САД опен, Доминик Тим, кој се пензионира лани поради повреда на зглобот, верува дека турнирите со иста подлога треба да користат една топка.
– Не би требало да биде премногу тешко, иста топка за земјена подлога, истата за тврда и истата за трева. Тоа би им било навистина од помош на играчите – рече тој.
Турнеите усвоија поцентрализиран систем за избор на топки во текот на 2025 година, а АТП очекува „целосно усогласување“ до 2027 година, пишува „Би-би-си“.

ПРИМЕР ОД НФЛ И ЗАШТИТА НА МЛАДИТЕ ИГРАЧИ

Спортските научници веруваат дека тенисот мора да учи од тоа како американските тимски спортови ги користат податоците за да ја водат благосостојбата на своите ѕвезди, пишува „Би-би-си“. По анализата водена од податоци, Националната фудбалска лига (НФЛ) побара конзистентни површини за играње и подобрена технологија на кациги за да се намали ризикот од повреди.
– НФЛ направи многу промени во правилата врз основа на емпириски докази и информации од податоци – рече основачот на „Китман лабс“, Стивен Смит, чија фирма им обезбедува на професионалните спортски тимови податоци и аналитика за следење на благосостојбата на играчите, пренесе „Би-би-си“.
Бејзбол-лигата МЛБ воведе правила насочени кон заштита на фрлачите, ограничувајќи ги нивните фрлања на професионално ниво и поставувајќи ограничувања за возраста за тоа колку млади играчи можат да фрлаат. Доминик Тим верува дека оптоварувањето што се става на горниот дел од телото на тенисерите од млада возраст е значаен фактор за нивните повреди подоцна, вклучително и неговите.
– Почнуваме да играме од толку рана возраст и имаме толку многу повторувања на нашите удари. Во одреден момент тоа оди на зглобот. Многу повеќе играчи имаат проблеми со зглобот. Мислам дека проблемот е во многуте повторувања – рече Тим. Г.И.