Фото: ЕПА

АЛПСКО СКИЈАЊЕ – СВЕТСКИ КУП

  • Сезонава се предвидени вкупно 38 трки за скијачи и 37 за скијачки, а титулите во генерален пласман од лани ги бранат Одермат и Брињоне

Јубилејната 60. сезона во Светскиот куп (СК) во алпско скијање почна во австрискиот Зелден, во саботата, со победата на Австријката Јулија Шајб, во велеслалом. Натпреварот се одржа пред рекордна публика (вкупно 15.900 гледачи во саботата), пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС). Вчера попладне на програмата беше велеслаломот за скијачи, а победи Марко Одермат од Швајцарија.
– Ова е навистина лудо. Дома, Зелден, прва трка во новата сезона, совршен почеток – рече Шајб, пренесе ФИС.
За Шајб тоа беше прва победа во Светскиот куп, во нејзиниот 45-ти старт во велеслаломска трка. Триумфот беше и првата домашна победа во Зелден за скијачки од Австрија, по пауза од 11 години. За Шајб претходен најдобар пласман во трка од Светскиот куп беше трето место, освоено на натпреварот во Зелден, пред 12 месеци, во велеслалом, пишува Интернационалната скијачка федерација.
Сезонава се предвидени вкупно 38 трки за скијачи и 37 за скијачки, во по четири дисциплини (слалом, велеслалом, супервелеслалом и во спуст). Титулите во генерален пласман од лани ги бранат Марко Одермат од Швајцарија и Федерика Брињоне од Италија.
Светскиот куп ќе паузира од 6 до 22 февруари в година, кога на програмата се Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Милано и во Кортина д’Ампецо (Италија). Следните трки од Светскиот куп се предвидени за 15 и за 16 ноември, во слалом, во Леви (Финска). Н.М.