Фото: ОФМ

Имаме промена на генерација во репрезентацијата, а патот за младите веќе е трасиран. Европското првенство ќе биде првиот сериозен тест за нив, на кое ќе треба да се покажат и да го продолжат она што го создаде оваа генерација. Имаме потенцијал и верувам во светла иднина, која е во рацете на младите. Ние како федерација ќе направиме сѐ за да добијат најдобри можни услови за подготовка за ЕП, а потоа сѐ е на нив. Имаме малку време за оддишка, ќе ги почекаме противниците во октомври, а потоа со сите сили кон ЕП, вели претседателот на Одбојкарската федерација на Македонија, Петар Јовановски

ОДБОЈКА

Главната и основна цел – да се задржи континуитетот од настапи на европските првенства – е исполнета. Горд сум на овие момци, на оваа генерација, која несебично се дава и се бори за одбојката да го достигне ова ниво на кое сме во моментов. Имавме напорно, долго и топло лето, во кое сето она што беше поставено како амбиција е исполнето. Настапот во Европската златна лига, Македонија го заврши со најдобар резултат досега и обезбеди опстанок во „златното“ друштво и следната година. Од викендов потврдено е и учеството на четвртото ЕП во низа, вели претседателот на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ), Петар Јовановски.
Јовановски потенцира дека ова е пред сѐ успех на репрезентацијата и на стручниот штаб, а потоа и на Управниот одбор (УО) и сите инволвирани во ОФМ.
– Федерацијата и УО направија сѐ за репрезентацијата да има беспрекорни услови за работа, а довербата е оправдана на најдобар можен начин. Ова е успех на одбојкарите, на стручниот штаб и селекторот Јошко Миленкоски, а потоа и на УО, канцеларијата на ОФМ и на секој што на каков било начин помогна во комплетниот процес. Секако, не смееме да ја заборавиме публиката. Без нејзината поддршка и инспирацијата, која ја дава од трибините, овој успех немаше да биде комплетен. Министерството за спорт ги препознава нашите резултати и ни дава дополнителен ветер во грб. Пресреќен сум и презадоволен. Емоциите се уште силни – рече Јовановски, пренесе ОФМ.
Најуспешниот претседател што ја водел ОФМ, во времето на своето раководење од викендов може да се пофали и со четврто европско првенство (ЕП) во низа на машката сениорска репрезентација на Македонија. Федерацијата повеќе од една деценија вложува максимални напори за македонската репрезентативна одбојка да остави белег на европската карта, а тоа резултира со континуиран настап на континенталните собири.

– Уште сме под импресии на успехот, но од друга страна свесни сме дека ќе мора многу брзо да се консолидираме и да се фатиме за работа, затоа што тешкото допрва доаѓа. Имаме промена на генерација во репрезентацијата, а патот за младите веќе е трасиран. Европското првенство ќе биде првиот сериозен тест за нив, на кое ќе треба да се покажат и да го продолжат она што го создаде оваа генерација. Имаме потенцијал и верувам во светла иднина, која е во рацете на младите. Ние како федерација ќе направиме сѐ за да добијат најдобри можни услови за подготовка за ЕП, а потоа сѐ е на нив. Имаме малку време за оддишка, ќе ги почекаме противниците во октомври, а потоа со сите сили кон ЕП – вели првиот човек на ОФМ.
Македонија ќе настапи на ЕП 2026 во Италија, Бугарија, Финска и во Романија. Ждрепката за групите е закажана за 4 октомври годинава во италијанскиот град Бари. Г.И.