Фото: ОФМ

ОДБОЈКА – ПОЧНУВА ЕВРОПСКАТА СРЕБРЕНА ЛИГА

 

Луксембург се смета за противник по мерка, со кој може да се надигрува Македонија и кој може да донесе радост и во женскиот национален тим по долги години пауза

 

Вечерва во салата „Парк“ во Струмица од 20 часот, женската сениорска одбојкарска репрезентација на Македонија против Луксембург го започнува својот втор настап во Европската сребрена лига 2025. Луксембург се смета за противник по мерка, со кој може да се надигрува Македонија и кој може да донесе радост и во женскиот национален тим по долги години пауза.

Интернационалката Ерјона Јонузи, која поголемиот дел од сезоната ја мина во санирање на повреда се стави на располагање на селекторот Стефан Пауновиќ, и иако квалитетно го одработи подготвителниот период не се најде меѓу 14-те репрезентативки за денешниот меч со Луксембург. Таа ќе ја чека својата шанса во некој од следните натпревари и нема да и пречи да даде свој придонес и поддршка од трибините, кои сите во екипата се надеваат дека ќе бидат полни.

– Домашниот терен секогаш носи посебна енергија. Да се игра пред сопствена публика, со семејствата и навивачите на трибините, ни дава дополнителен мотив и сила. Поддршката од трибините може да направи разлика. Кога ќе почувствуваме дека некој стои зад нас, ние даваме уште повеќе на теренот. Се надеваме на полни трибини и гласна поддршка, јас сигурно ќе бидам гласна. Атмосферата во тимот е одлична сите сме фокусирани, мотивирани и свесни дека ова е шанса која треба да ја искористиме максимално. Работиме напорно на тренинзите и веруваме во нашите квалитети. Која од нас и да игра, не се сомневам дека ќе го даде најдоброто од себе – оптимистка е Јонузи.

Организаторот на играта зад себе остава тежок период и насочена е само кон убави работи.

– Повредата и рехабилитацијата, тоа беше еден од најтешките периоди во мојата кариера и физички, но уште повеќе ментално. Секој ден беше борба, но не се откажав. Работев со срце и со солзи, со една цел, да се вратам таму каде што припаѓам. Денеска стојам посилна, посвесна и погладна за игра. Подготвена сум да дадам сè за овој тим. Ова не е само враќање, ова е нов почеток. Време е сите заедно да се бориме и да покажеме колку сме навистина силни – констатира Јонузи.

Влезот во салата „Парк“ за денешниот натпревар меѓу Македонија и Луксембург е слободен, а дуелот ќе биде директно пренесуван на националниот сервис, информираат од ОФМ. Г.И.