За клубот од Кисела Вода ова е четврта првенствена титула во неговата историја

Женската одбојкарска екипа на Јанта Волеј е нов шампион на Македонија за 2025 година. Клубот од Кисела Вода ја прекина тригодишната доминација на скопски Работнички, откако со 3-1 во сетови (14-25, 25-23, 25-19, 25-22) стигна и до посакуваната трета победа во финалната серија прв до три победи и со тоа ја освои четвртата шампионска титула во својата клупска историја. Особено голема борба се водеше во четвртиот сет, Јанта Волеј создаваше предност од два-три поени, но Работнички секогаш успеваше да се врати во игра. Гостинките се обидуваа да се изборат за петти сет и да останат во игра за титулата, но Јанта Волеј ја искористи првата сет и меч-топка, за 25-22 и конечни 3-1 во сетови.
Новиот шампион го предводеа Мери Бошковска со 19 поени, Ива Стојковска со 12 и Валерија Собол со 11 поени, додека кај поразениот тим, Алекс Стакхаус и Мила Дикова реализираа по 13 поени, додека капитенката Антонија Баталаковска имаше 11 поени. Јанта Волеј, која не успеа во финалето на Купот на ОФМ, со оваа првенствена титула на најдобар начин го круниса јубилејот – 20 години постоењето на клубот.
Во машка конкуренција, пак, екипата на Штип УГД остана во игра за шампионската круна во Првата машка лига, откако ја впиша првата победа на свој терен во финалната серија со 3-0 во сетови (25-21, 25-23, 25-15) против актуелниот шампион Струмица. Штипјани со овој триумф намалија на 1-2 во победи во серијата прв до три победи. Четвртиот меч се игра денеска (19 ч.) во салата „Парк“ во Струмица, а домаќинот ќе има можност пред своите навивачи со евентуална победа да стигне до својата 12-та првенствена титула. Г.И.