ОДБОЈКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЛШ
- Одбојкарките на Јанта Волеј во третото коло, денеска (18 ч.), во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје го пречекуваат Волеро ле Кане од Франција
Подготвени сме за предизвикот, иако како и за првите натпревари остануваме скромни во изјавите и очекувањата. Волеро е многу поквалитетен противник од Гацко, со многу интернационалки во составот, тоа е и клуб што доаѓа од многу поквалитетно првенство, а има и долга традиција во настапите на европската сцена, за разлика од нас. Потребна ќе ни биде комплетно нова стратегија во играта. Ги анализиравме, но немаме комплетно јасна слика за нив, а многу работи ќе бидат познати по првиот меч, утре. Фокусирани сме на нашата игра, најважно ќе биде девојките да одиграат најдобро што можат, да го дадат максимумот, па ако освоиме сет-два или ако стигнеме до нешто повеќе, сѐ е тоа во наш прилог, изјави Никола Јаневиќ, тренерот на Јанта Волеј, во пресрет на мечот денеска од третото коло од квалификациите за пласман во Лигата на шампионите (ЛШ), пренесе Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
Македонскиот првак Јанта Волеј успешно ја помина првата пречка во квалификациите, а денеска (18 ч.), во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје го пречекува Волеро ле Кане од Франција. Влезот ќе биде слободен.
– Претстојниот двомеч е одлична можност за Јанта Волеј да покаже дека не случајно ја помина првата пречка. Задоволни сме со самиот факт дека испишавме историја, но и свесни сме дека можеме уште да дадеме. Ме радува што имаме силен противник пред нас, затоа што тоа ќе донесе уште поголема мотивираност за игра на теренот, да се даде максимумот и да се понуди силен отпор. Имаме убава атмосфера, хемија и сплотеност во екипата и зошто да не приредиме изненадување. Очекуваме и публиката да дојде и да нѐ поддржи во уште поголем број од првиот натпревар. Таа ни беше ветер во грб и мотив и се надевам дека така ќе биде и утре – вели капитенката Тамара Тасевска.
Интернационалката Ана Старчевиќ, која беше една од најефикасните во првите два меча, има сличен став.
– Настапот во Лигата на шампионите е едно убаво искуство за нашиот млад тим. Немаме високи резултатски очекувања, се фокусираме да одиграме најдобро што можеме и да потврдиме дека со причина сме во третото коло. Во спортот, особено во женската одбојка, изненадувања постојат. Ако одиграме на посакуваното високо ниво, никогаш не се знае. Ние сме оптимисти – рече Старчевиќ. Г.И.


































