Фото: Инстаграм/Ешли Барти

Најдобрата светска тенисерка Австралијанката Ешли Барти утринава го шокираше тенискиот и спортскиот свет со тоа што објави дека ќе се пензионира на 25-годишна возраст. Трикратната освојувачка на гранслем-трофеите и моментно водечка на ВТА листата, на социјалните мрежи го потврди крајот на кариерата и им порача на обожавателите дека таквата постапка ја прави среќна и подготвена за пензија.

Во видеопорака во поткаст на нејзината блиска пријателка и поранешна партнерка во двојки Кејси Делаква, Барти низ солзи рече дека е подготвена да се пензионира, откако ја постигнала својата животна амбиција да го освои Вимблдон.

– Среќна сум и подготвена за ова. Во срцето знам дека ова е вистинското време. Благодарна сум за сѐ што ми даде овој спорт и го оставам горда и исполнета – изјави Барти, додавајќи дека тоа е целосно истрошена и дека од физичка страна нема што повеќе да даде.

Барти е водечка светска тенисерка веќе 114 последователни недели, што е четврто најдолго време на врвот на ВТА ранг-листата. Само Штефи Граф (186 недели), Серена Вилијамс (186) и Мартина Навратилова (156) без прекин се најдоа на врвот на ВТА листата подолго од неа. Австралијката годинава е непоразена, забележувајќи 11 победи, додека во последните 25 меча имаше само еден пораз.

Победничката на Ролан Гарос, Вимблдон и на Австралија Опен освои 15 титули во сингл и 12 во конкуренција на двојки во богатата кариера, со вкупно 305 победи и 102 порази во поединечна конкуренција, додека својата прва тениска титула ја освои на јуниорскиот Вимблдон во 2011 година на 15-годишна возраст. Во својата кариера Барти заработи речиси 24 милиони долари од награди на турнирите.

Изненадувачката одлука на Барти потсети на легендите на белиот спорт како што се Бјорн Борг и Габриела Сабатини, кои исто така прерано ставија крај на успешните кариери.

Швдскиот тенисер Бјорн Борг беше едно од најпознатите имиња во тенисот од средината на 70-те до раните 80-ти години на минатиот век со неговите пет последователни титули на Вимблдон од 1976 до 1980 година и ривалство на теренот со Американецот Џон Мекинро. Иако од тенисот се повлече во 1983 година на 26 години, Борг останува еден од најголемите тенисери.

Кариерата прерано ја заврши и Аргентинката Габриела Сабатини, престанувајќи да игра професионално тенис на 26 години. Таа стигна до единствениот гранслем-трофеј во 1980 година на САД Опен. На 21-годишна возраст, во 1983 година, крај на тениската кариера стави и најмладата тенисерка која го освои САД Опен (1979), Трејси Остин, која веќе во 1980 година стана светски рекет број еден, оставајќи ги зад себе великанките Мартина Навратилова и Крис Еверт.

Не е познато со што ќе се занимава Барти понатаму, но не би било изненадување ако на крајот стане шампионка во друг спорт, бидејќи досега професионално играше крикет, а исто така победи и на турнир во голф. Та.Д.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Ash Barty (@ashbarty)