Ѓоковиќ на седум дена до израмнување на рекордот на легендарната Штефи Граф
ТЕНИС
Најдобриот македонски тенисер Калин Ивановски (18) за првпат во својата кариера е под 500-то место на машката АТП-листа, што претставува и негово најдобро рангирање во кариерата. Тој од вчера е на 494-то место, што претставува скок од десет места во однос на минатата седмица, кога беше на 504-то. Овој пласман е резултат на одличниот настап на фјучерс-турнирот во Тунис, каде што стигна до финалето, но поради премореност го предаде мечот во вториот сет против Холанѓанецот Ријан Нијбоер.
Само уште седум дена го делат српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ да го израмни рекордот за кој се сметаше дека уште долго време нема да биде соборен. Имено, српскиот тенисер од вчера ја започна својата 376-та недела на врвот на АТП-листата, со што го зголеми личниот рекорд кај мажите по бројот на недели минати на врвот во светскиот тенис. Тој се врати на првото место пред две недели, откако ја освои десеттата титула на гранслем-турнирот Австралија опен и во исто време стигна до својата 22. гранслем-титула.
Но Ѓоковиќ ќе направи вистински подвиг, оти следниот понеделник ќе го израмни апсолутниот рекорд по бројот на недели минати на првото место, кој е во сопственост на легендарната тенисерка Штефи Граф (377 недели на врвот на ВТА-листата). Ѓоковиќ, пак, за две недели ќе стане и апсолутен рекордер, оти, како што стојат работите, нема шанси некој да го престигне во следните 14 дена. На првото место на АТП-листата Ѓоковиќ сега има 7.070 бода, што е за 340 повеќе од Шпанецот Карлос Алкараз (6.230 бода), а во топ пет уште се наоѓаат Гркот Стефанос Циципас (5.940), Норвежанецот Каспер Руд (5.515) и Русинот Андреј Рубљов (3.860).
На женската ВТА-листа убедливо води Полјачката Ига Швјонтек (10.485 бода), пред Белорусинката Арина Сабаленка (6.100). Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа (28) назадуваше едно место и сега е на 223-то место, со 297 бода. Г.И.