Задоволен сум од многу очигледни причини што сум повторно тука, додека Токио се подготвува да ги пречека не само најдобрите спортисти во светот туку и илјадниците гледачи, рече претседателот на Светската атлетика, Себастијан Коу
АТЛЕТИКА – СП ВО ТОКИО
На националниот стадион во јапонската престолнина Токио, денеска започна Светското првенство (СП) во атлетика, кое ќе трае до 21 септември и на кое ќе настапат и македонските маратонци Адријана Поп Арсова (ќе настапи утре) и Дарио Ивановски (ќе настапи в понеделник). Повеќе од 2.000 спортисти ќе се натпреваруваат за медали во 49 дисциплини. Ова е првпат по 34 години СП да се одржува во Токио, а третпат да се организира во Јапонија.
– Задоволен сум од многу очигледни причини што сум повторно тука, додека Токио се подготвува да ги пречека не само најдобрите спортисти во светот туку и илјадниците гледачи. Продадовме 500.000 билети, а многу вечери се распродадени, иако сè уште има достапни билети. Ова е убедливо најголемиот глобален спортски настан во годината. Иако неодамнешните настапи во Дијамантската лига се нешто што треба да се земе предвид, ова ќе биде првенство за сите времиња. Многу сум им благодарен на сите оние што со нивната работа нè доведоа до тука – истакна на официјалната прес-конференција претседателот на Светската атлетика, Себастијан Коу.
Македонската атлетичарка Адријана Поп Арсова успеа да обезбеди пласман на СП во Токио, станувајќи првата македонска атлетичарка во историјата што ќе настапи на три СП во низа (Орегон 2022, Будимпешта 2023, Токио 2025). Поп Арсова успеа да го исполни критериумот за учество и се најде меѓу најдобрите 100 маратонки во светот, обезбедувајќи директен пласман преку ранг-листата на Светската атлетика.
Најдобриот македонски атлетичар Ивановски, пак, минатата година настапи на маратонската трка на ЛОИ во Париз каде што го освои 69-то место, а годинава имаше неколку добри резултати на маратонските трки, успевајќи да освои доволно бодови на рангирањето во пресрет на светското првенство. Светската атлетика ја објави и конечната листа на маратонци што добиваат покана за настап во Токио, на која Ивановски се наоѓа на 75-та позиција.
– Коу ја потврди суспензијата на руските и белоруските спортисти од меѓународни натпревари, која беше воведена во 2022 година, по ескалацијата на ситуацијата во Украина – објави агенцијата „ТАСС“. Г.И.