Фото: ЕПА

Сѐ е во тоа што имате во главата и колку сте способни да вложите во тоа. Ако вложите труд ментално, физички и емоционално, тогаш можете да го имате резултатот. Не е важно колку пати ќе паднете. Не е важно колку пати ќе се разболите или повредите или што и да е. Ако продолжите да верувате и да вложувате труд, има можност, има простор за вас, изјави Венус Вилијамс (45) на прашањето каква порака би можеле да извлечат другите од настапот и од победата на меч на турнир во Вашингтон

ТЕНИС

Нема граници за извонредност. Сѐ е во тоа што имате во главата и колку сте способни да вложите во тоа. Ако вложите труд ментално, физички и емоционално, тогаш можете да го имате резултатот. Не е важно колку пати ќе паднете. Не е важно колку пати ќе се разболите или повредите или што и да е. Ако продолжите да верувате и да вложувате труд, има можност, има простор за вас, изјави Венус Вилијамс (45) на прашањето каква порака би можеле да извлечат другите од настапот и од победата на дуелот со Пејтон Стернс (23), со 6-3, 6-4 на тенискиот турнир во Вашингтон (САД), пренесе агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Постојат многу причини зошто оваа конкретна победа на Венус Вилијамс во овој конкретен тениски натпревар, кој е само еден од стотиците, одекна кај толку многу луѓе, како, на пример, дека таа има 45 години, само една тенисерка, Мартина Навратилова, некогаш победила на натпревар во поединечна конкуренција на ниво на турнеја додека била постара, Вилијамс не учествуваше на турнири 16 месеци, беше на операција, пишува АП.
Венус Вилијамс победува во тенисот со децении. Нејзиното професионално деби се случи кога имаше 14 години. Таа ја освои својата прва гранслем-титула на турнирот во Вимблдон, во 2000 година, помалку од еден месец по нејзиниот 20-ти роденден. Венус Вилијамс освои вкупно седум гранслем-трофеи, откако славеше пет пати на Вимблдон и двапати на САД опен, плус уште 14 во женски двојки, сите со нејзината сестра Серена, и два во мешани двојки.
– Имам толку многу почит кон неа што се врати тука и да игра, да победи или да изгуби. Тоа бара многу храброст за да се врати на теренот, особено со она што го направи за спортот. Има многу зад себе, постигна многу и има голем притисок врз неа и за одржување на тоа на оваа возраст. Затоа, огромна заслуга ѝ припаѓа за тоа – рече Стернс, која е рангирана на 35-то место.

Колку и да беа одушевени гледачите што можеа да ја гледаат и другите играчи беа доста возбудени. „Таа е, како, кралица. Околу неа има кралски дух“, рече Наоми Осака. „Таа е една од најдобрите спортистки на сите времиња. Таа и нејзината сестра, тие не се само одлични за женскиот тенис, не само одлични за женските спортови, туку се и толку иконски“, рече Франсес Тиафо, пренесе АП. Сепак, имаше некои на социјалните мрежи што се прашуваа дали има смисла турнирот да ѝ додели вајлд-карта на Вилијамс наместо на играч во подем, пишува АП. Претседателот на тенискиот турнир во Вашингтон, Марк Ајн, рече дека му биле потребни околу две секунди да одговори „Секако“ кога претставникот на Вилијамс се обратил во април за да праша може да има место на турнирот.
Еден новинар сакаше да знае дали Вилијамс добива задоволство од докажувањето дека сомневачите грешат.
– Не, затоа што не сум тука за никој друг, освен за себе. И, исто така, немам што да докажам. Јас сум тука за себе, затоа што сакам да бидам тука. И докажувањето некому дека не е во право или размислувањето за некого никогаш не ми донесе победа и никогаш не ми донесе пораз – рече Вилијамс, пренесе АП. Н.М.