КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2027
- Нешто што е најдобро и најубаво за мене е тоа што овие девојки ќе им бидат идоли на помладите девојчиња што тренираат и треба да бидат идни репрезентативки, затоа што покажаа како се бори и како се гине на теренот за дресот со државниот грб, вели македонскиот селектор Ашаданов по победата над Данска во Скопје во првото коло од квалификациите за ЕП 2027
Во неизвесна и крајно драматична завршница женската кошаркарска репрезентација на Македонија ја совлада селекцијата на Данска со 79-78 (18-21, 21-19, 19-18, 21-20) во СРЦ „Кале“ во Скопје, во првото коло од квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2027 година, група Ф. Победата е историска, оти е прва за Македонија на еден официјален натпревар од квалификации за ЕП или за светско првенство (СП). Последен пат Македонија победила во 2008 година, и тоа на свој терен, во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, против Естонија со 67-64, но во тогашната дивизија Б (своевидни претквалификации). Следен противник на црвено-жолтите ќе биде селекцијата на Грција (утре, од 18 часот, СРЦ „Кале“).
– Честитки до репрезентацијата за прикажаната игра. Нешто што е најдобро и најубаво за мене е тоа што овие девојки ќе им бидат идоли на помладите девојчиња што тренираат и треба да бидат идни репрезентативки, затоа што покажаа како се бори и како се гине на теренот за дресот со државниот грб. Што се однесува до следниот меч, Грција е фаворит број еден во нашата група и игра на европските шампионати во низа. Сакам да добиеме поддршка од публиката, а овие девојки сигурно ќе бидат мотивирани и ќе дадат сѐ од себе и на тој дуел – рече селекторот Александар Ашаданов.
Кај Македонките најпрецизна беше Мерит Хемпе со 25 поени, Илина Селцова постигна 17, Александра Стојановска 15, а плејмејкерката Анжелика Митрашиновиќ, која цело второ полувреме го играше со четири лични грешки, оствари т.н. дабл-дабл (двоцифрен ефект во две статистички категории), со 14 поени и 11 асистенции. Кај Данките предничеа Фрида Форман со 18 и Сара Мортенсен со 16 поени.
– Се боревме, покажавме дека можеме од самиот почеток и, како што ни рече селекторот во почетокот, го покажавме тој победнички менталитет. Заслужено го добивме овој дуел, со борба од првата до последната секунда. Секој што стапна на теренот даде максимум и свој придонес во оваа прва победа. Ова е само почеток на нешто добро и убаво во нашата репрезентација. За следниот меч ќе се подготвуваме добро, Грција е тежок и искусен ривал, многу години игра на европските првенства, но секако дека ќе се бориме да покажеме дека можеме – рече репрезентативката Александра Стојановска.
Група Ф, прво коло: Македонија – Данска 79-78, Грција – Хрватска 76-79. Идно коло, утре (од 18 часот): Македонија – Грција, Хрватска – Данска. По одигрувањето на групната фаза, двете првопласирани селекции од седумте групи и трите најдобри меѓу третопласираните продолжуваат во вториот дел од квалификациите за место на ЕП 2027. Г.И.

































