Во 2025 година во фудбалот ќе се игра првото проширено клупско Светско првенство, во тенисот од новата сезона и на Вимблдон ќе нема линиски судии, ИОК во март ќе избира нов претседател, во атлетиката се воведува гранслем-лига за тркачки дисциплини, во голфот во јануари ќе има нов тимски формат во затворен простор…

Со оглед на тоа што спортската година е при крај, која беше преполна со настани, како Летните олимписки игри и четири континентални фудбалски првенства, веројатно се очекува дека 2025 година ќе биде помирна, но природата на спортската индустрија не е таква, таа постојано се развива, пишува агенцијата „Ројтерс“.
Новите начини за испорачување спорт на генерацијата со висока технологија сега се најважни, па само што ќе почне новата година, голфот, веројатно најконзервативниот од сите спортови, во јануари ќе ја почне соодветно именуваната Утрешна голф-лига (ТГЛ) во Палм Спрингс (САД). Создаден од Тајгер Вудс и од Рори Мекилрој, новиот тимски формат во затворен простор направен за телевизиите, кој содржи најсовремени симулатори за голф и часовници за одбројување време до изведен удар, личи на вкрстување помеѓу аркадна игра и неверојатен голф.
Најдобрите во светот се подготвени за потфат дизајниран да привлече генерација гледачи што веќе немаат време или трпение да гледаат петчасовни рунди, пишува „Ројтерс“.
– Најинтересниот и забавен аспект за ТГЛ е фактот дека тоа е арена и можете да нѐ видите одблиску и лично. Ќе имаме микрофони, ќе ги видите нашите личности. Тоа е речиси сосема поинаков спорт – рече Американецот Виндам Кларк, пренесе „Ројтерс“.
Други спортови исто така ќе забележат големи промени во 2025 година, година во која недостигаат најголемите глобални настани, но, сепак, распоредот е полн.
Фудбалот, на пример, во кој неговите најголеми имиња ретко имаат време да здивнат, ќе има проширено клупско Светско првенство на Светската фудбалска федерација (ФИФА), со 32 тима, на програмата во јуни и во јули, во САД. Иако има многу критичари, тоа, секако, ќе биде турнир што ќе биде тешко да се игнорира, пишува „Ројтерс“.
Тенисот исто така се движи во иднината во чекор со традицијата што отвора пат за иновации и потребата да се заземе пазарен удел во сѐ позаситениот пејзаж. Кој некогаш би помислил дека Вимблдон, од сите места, ќе се ослободи од линиските судии од тревниците во корист на технологијата „соколово око“ и компјутерски генерираните гласови, но тоа е она што гледачите ќе го видат во клубот Ол Ингланд в година, пишува „Ројтерс“.
Во атлетиката, спорт што често се бори да привлече внимание надвор од олимписките години, американскиот великан Мајкл Џонсон во април почнува профитабилна гранслем-лига со награден фонд од 12,6 милиони долари, поделен на четири настани, но не вклучувајќи ниту една техничка дисциплина. „Ние правиме револуција во пејзажот на трките на патека“, рече четирикратниот олимписки шампион Џонсон, пренесе „Ројтерс“.
Иако во 2025 година нема олимписки игри, олимпиското движење се соочува со клучна година, откако Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) во март меѓу седум кандидати ќе избира нов претседател што ќе го замени Томас Бах… Н.М.