Младите шахисти се прекрасна основа за натамошен развој и верувам во нивниот потенцијал. Но ако немаме посебен буџет при ШФМ за младиве категории, туку, како и досега, сѐ се сведе само на организирање државни првенства за млади категории и пак да ја чекаме наредната година, тогаш нема да отидеме далеку, вели Недев
ВМ ТРАЈКО НЕДЕВ, СЕЛЕКТОР НА МАШКАТА И ЖЕНСКАТА ШАХОВСКА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА
Како ја оценувате играта на македонските млади шахисти на последното ЕП во Брежице, Словенија, каде што настапија дури 114 ВМ?
– Борбени и мотивирани, а особено ме радува што по подолг период имаме претставници на ваков силен турнир. Во иднина, Шаховската федерација на Македонија (ШФМ) мора да води грижа младите и талентирани репрезентативци да настапуваат на поединечно ЕП, каде што ќе можат да ја проверат играчката форма.
Од кого сте особено задоволни, а кој можеше и подобро да одигра во оваа силна конкуренција?
– Задоволен сум од постигнатиот резултат на Емил Ристески и од Антон Златков. Од Филип Михов очекував повеќе. Но сите тие се млади и талентирани шахисти и од нив очекувам брз напредок.
Каде го гледате напредокот, кај Ристески, Михов и Златков, во кој сегмент на играта, а во кој дел од партијата беа послаби, односно на што треба да работат повеќе?
– Бидејќи сум и тренер на Ристески, очекувам брзо да ја освои титулата интернационален мајстор и 2.400 рејтинг-поени. За Михов е најважно колку време ќе успее да вложи во шахот, поради школото, кое мислам дека сепак му е приоритет. За Златков, пак, сметам дека е голем талент и треба повеќе да работи на репертоарот на шаховските отворања.
Од кого од младите македонски таленти, воопшто, во моментов очекувате најбрз напредок во играта?
– Во моментов имаме добра база за квалитетен шах во иднина. Тука се повеќе млади шахисти што ги предводат, ИМ Никола Николовски, ИМ Тони Лазов Лазов и Ристески. Следат, Михов, Велјановски, Златков, Јорданов, Велковски, Звездаковски, Ефтовски и други. Јасно е дека од Ристески и Златков најмногу се очекува, но не би исклучил ниеден од горенаброените таленти.
Има ли иднина македонскиот шах со овие млади шахисти, чие време допрва доаѓа, или, пак, трагата повторно ќе се изгуби некаде. Тие се веќе стигнати до одреден стадиум, кое треба да биде нивното следно скалило погоре?
– Сите овие млади шахисти се прекрасна основа за натамошен развој и верувам во нивниот потенцијал. Но ако немаме посебен буџет при ШФМ за младиве категории за нивна поддршка, развој, програма, следење и тренинг, туку, како и досега, сѐ да се сведе само на организирање државни првенства за млади категории и да се поделат пехари и дипломи и пак да ја чекаме наредната година, тогаш нема да отидеме далеку, односно пак ќе биде по старо.
Што треба да сторат ШФМ, државата, клубовите, за резултатите на македонските шаховски надежи да бидат уште повредни и побрзи?
– Сега е вистинскиот момент ШФМ да ја преземе главната улога во развојот на овие млади таленти, оти досега само клубовите водеа грижа за младите кадри. Ако сакаме силна репрезентација, тогаш ШФМ ќе мора да вложи многу повеќе во нив. Понатаму треба да се формира тренерски совет и да се организираат специјални шаховски кампови за млади и надежни шахисти.
Женскиот шах е пред колапс!
Женскиот шах е пред колапс и затоа не треба да се чека многу. Се добиваат средства за оваа намена од Светската шаховска федерација (ФИДЕ) и треба наменски да се искористат. Понатаму, итно треба да се постави секундант-искусен тренер, кој ќе има задача да прави шаховски кампови, да работи индивидуално со нив и на крајот од годината да достави до УО на ШФМ играчко досие за секоја репрезентативка, а за време на настапот на шаховските олимпијади и европски првенства да им помага во подготовките пред секое натпреварувачко коло – предупредува Недев.
goce.i@novamakedonija