Фото: ЕЏУ

Џудото во мојата земја сега е поразвиено отколку кога бев дете. Тоа можете да го видите и во зголемениот број учесници на националните
првенства. Сите овие европски купови, сега и годинашното историско континентално првенство и учествата на олимписките игри, навистина помагаат да се промовира џудото во земјата како индивидуален спорт. Навистина сум среќна за целиот труд што го вложив, потоа мојот тренер, мојот тим и мојата земја, за да се развие спортот на ова ниво. Тоа ме прави среќна. Се надевам дека младите спортисти ќе го следат тој пат. Мојата порака до младите е да сонуваат, никогаш да не престануваат да го прават она што го сакаат, да веруваат во себе, да соработуваат со колегите во клубот, со тренерите, да одат на што е можно повеќе натпревари и тренинг-кампови, да посетуваат што е можно повеќе луѓе надвор од земјата и да се поврзуваат со нив и да се развиваат како добри спортисти. Но, најважно од сѐ, да се развиваат како подобри
личности, вели Николоска за ЕЏУ

ИНТЕРВЈУ НА ЕЏУ СО КАТЕРИНА НИКОЛОСКА, ПРВАТА ОЛИМПИЈКА ВО ЏУДО ОД МАКЕДОНИЈА

Таа е џудистка, професорка, судијка и пред сѐ сонувачка, која никогаш не дозволи околностите да ѝ го замаглат видот. Катерина Николоска, првата олимпијка во џудо од Македонија, е една таква приказна. Нејзиното присуство на Европското првенство (ЕП) за кадети во Скопје, и како судијка и како светилник за инспирација, додава трогателност на моментот, а таа ја сподели својата приказна, која е изградена врз жртва, тивка решителност и доминантниот ефект што една личност може да го има врз спортскиот идентитет на една нација, пишува во текстот на Европската џудо-унија (ЕЏУ) за Катерина Николоска, највисокорангирана џудо-судијка од Македонија.
– Да, јас сум првата олимпијка во џудо од Македонија. Се натпреварував на Летните олимписки игри во Рио, во 2016 година – вели таа со скромна гордост.
Само таа реченица би означила животно достигнување за многумина, но за Николоска тоа беше само поглавје во многу подолга и побогата приказна. Се враќаме во нејзините рани години.
– Можам да кажам дека џудото во мојата земја сега е поразвиено отколку кога бев дете. Тоа можете да го видите дури и во зголемениот број учесници на националните првенства. Сите овие европски купови, сега и годинашното историско континентално првенство, а и учествата на олимписките игри, мое и на уште двајца спортисти од Македонија, навистина помагаат да се промовира џудото во земјата како индивидуален спорт – вели Николоска.
Во нација каде што борењето историски го држело вниманието, а таеквондото исто така постигна успех, патот на џудото е попредизвикувачки. Сепак, благодарение на личности како Николоска, тој пат сега е појасен.
– Кога бев дете, како и обично, патувавме многу. Донесовме искуство дома. Кога бев кадетка немаше вистински натпревари дома. Немавме можност да се натпреваруваме во нашата земја како кадети на нивото на кое сме сега. Одевме на мали турнири низ цела Македонија, но не на ниво на европски куп.

Времињата сега се различни и тоа е и привилегија и огромна можност за помладата генерација да расте и да се развива – вели за ЕЏУ македонската џудо-судијка.
Таа очигледно никогаш немала можност да се натпреварува на домашен терен на меѓународен настан, па годинашното учество како судијка на некој начин е, само по себе, лично деби.
– Љубоморна сум, малку. Посакувам да можев да почнам на кадетско ниво дома и да се натпреварувам со моите соиграчи на таа возраст, а моето семејство да биде тука со мене – вели таа.
Сепак, гордоста за нејзините достигнувања е очигледна.
– Навистина сум среќна за целиот труд што го вложив, потоа мојот тренер, мојот тим и мојата земја, за да се развие спортот на ова ниво. Тоа ме прави среќна. Се надевам дека младите спортисти ќе го следат тој пат – рече Николоска.
Меѓу младите таа го споделува своето патување со помладите генерации, како почнала, како напредувала, колку победи и порази доживеала, и вели дека се надева дека ќе го пренесе она што го научила. Нејзината порака до младите е искрена.
– Да сонуваат… Никогаш да не престануваат да го прават она што го сакаат. Да веруваат во себе. Да соработуваат со колегите во клубот, со тренерите. Да одат на што е можно повеќе натпревари и тренинг-кампови. Да посетуваат што е можно повеќе луѓе надвор од земјата и да се поврзуваат со нив и, на крајот, да се развиваат како добри спортисти. Но, најважно од сѐ, да се развиваат како подобри личности – децидна е Николоска.

Надвор од татамите, Николоска е еднакво ангажирана. Предава физичко образование во основно училиште и тренира млади џудисти. Деновите ѝ се полни, срцето ѝ е пополно. Потоа, тука е судењето, нејзиното ново поглавје. Во суштина, таа е уште на татамите, во центарот на вниманието, но во поинаква униформа.
– Не размислував за тоа на тој начин, а сепак имам цел и со ова. Се обидувам да го повторам процесот. Да кажам, во ред, имам сон и ќе се обидам повторно да бидам на олимписки игри, но сега како судијка – изјави Николоска, пренесе ЕЏУ.
Николоска е највисокорангираната судијка во Македонија. Уште еднаш, нејзиното достигнување укажува на нов пат што го отвора за идните генерации.
– Имам меѓународна лиценца и годинава почнав на турнејата на ИЏФ. Кога влегов на арената на гранслем-турнирот во Баку годинава, првпат како судијка, ми се вратија сите емоции од спортската кариера. Помислив, што се случува? Бев малку нервозна, но со поддршка од искусните судии, станав посмирена и посамоуверена, како што треба да бидеме – појаснува таа.
Николоска се осврнува и на тоа дали некогаш размислувала колку направила за спортот во Македонија.
– Во животот некои работи ги планираш, а некои не. Отсекогаш сум била дел од џудото и никогаш не сум помислила да престанам. Може ли да кажам дека го гледам ова како еден вид кариера? Да, тоа е хоби, бидејќи ни треба работа покрај ова, но џудо-семејството ни дава платформа за развој, не само како спортисти или службени лица туку и како луѓе. Сега сум на „другата страна“ и навистина сум горда и среќна што можам да инвестирам во помладите генерации и да му вратам нешто на спортот, бидејќи џудото ми даде толку многу. Би била горда дури и да гледам од трибините, но навистина сум среќна што уште сум на татамите, сѐ уште тука, претставувајќи ја мојата држава дома. Сакам да им се заблагодарам на сите што ми помогнаа на патот до олимписките игри, а сега и на моето патување како судијка – вели Николоска.
Ако има уште една надеж, тоа е дека младите џудисти од нејзината земја не само што ќе го следат патот што таа го проби туку ќе го пробијат и својот со истата отпорност и срце што ја носеа неа сѐ до Рио и понатаму, пишува ЕЏУ во својот текст.
– Се надевам дека ќе ги видам како освојуваат медали на најголемата сцена – вели Николовска. Г.И.