Сметам дека беше вистински потег што избравме да играме во Златната европска лига, при што резултатот не ни беше приоритет, туку многу побитно беше да бидеме во тек со тоа што се случува моментно со квалитетот во европската одбојка. Го даваме максимумот против силни репрезентации што се со повисок рејтинг од нас, што може само да нѐ радува. По квалитет сме тука некаде, со сите игравме рамноправно, што значи дека имаме потенцијал и квалитет дури и да направиме повеќе на ова ЕП, оти на него ќе играме против две-три селекции што се со нашиот квалитет. Секако дека сум оптимист за пласман во вториот круг, на тоа впрочем и работиме, се подготвуваме, вели Миленкоски
ИНТЕРВЈУ – ЈОШКО МИЛЕНКОСКИ, СЕЛЕКТОР НА МАШКАТА ОДБОЈКАРСКА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА
По една и пол деценија искусниот одбојкарски стратег Јошко Миленкоски, во април годинава повторно застана на чело на македонската машка одбојкарска репрезентација. Тој ќе ги предводи црвено-жолтите на Европското првенство (ЕП) годинава, чија група Ц, со учество на вкупно шест репрезентации, ќе се игра во Скопје (30 август – 6 септември). Миленкоски во својата богата тренерска кариера предводеше седум клуба, а со четири од нив оствари пласман на завршниот турнир во Купот на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ). Тој беше селектор на репрезентацијата на Турција и ја предводеше до 11-то место на Европското првенство во 2017 година, па претстојниот континентален шампионат ќе биде негов втор настан од таков ранг. Миленкоски годинава ја предводеше Македонија во Златната европска лига, чија групна фаза заврши синоќа, а сега вниманието ќе биде целосно насочено кон претстојното Европско првенство, на кое Македонија ќе игра со Полска, Холандија, Чешка, Црна Гора и со Данска.
Како ја оценувате играта на македонската репрезентација на досегашните пет натпревари во Златната европска лига?
– Треба да бидеме задоволни од прикажаната игра, ова е, сепак, Златна европска лига, каде што играа 12-те најдобри репрезентации во Европа, сите учеснички на претстојното Европско првенство, па сите овие натпревари беа всушност и подготовка за тоа Европско првенство. Ние во нашата група пред одигрувањето на шестото, последно коло, имавме две победи и три порази, а само три селекции, Турција, Чешка и Украина, се издвоија како први фаворити во своите групи со повеќе победи. Македонија со поголема група репрезентации од другите групи имаше ист учинок, што значи дека го оправдавме местото во оваа лига.
Зошто се одлучивте Македонија да игра во Златната, а не повторно во Сребрената европска лига?
– Точно е тоа дека можевме да играме повторно во Сребрената европска лига, како што го правевме тоа до лани. Во Златната европска лига сите репрезентации се со подобар рејтинг, а ние во ниту еден натпревар не бевме инфериорни, речиси секој сет беше решен по голема борба со поен-два разлика и тие што ги добивавме и тие што ги губевме. Сметам дека беше вистински потег што избравме да играме во Златната европска лига, при што резултатот не ни беше приоритет, туку многу побитно беше да бидеме во тек со тоа што се случува моментно со квалитетот во европската одбојка.
Како го оценувате досегашниот настап на ривалите на годинашниот континентален шампионат?
– Црногорците не играа никаде во овој период, како и Шведска, Грција и некои други селекции, кои оценија дека им е подобро да се одмораат пред да почнат со подготовките за Европското првенство. За нас беше поприфатливо да играме, како и за повеќето репрезентации. Што се однесува до нашите противници, познато е дека Полска е светска велесила, која игра во Лигата на нациите и е еден од главните фаворити за медал на Европското првенство, а таму игра и Холандија, која е, исто така, со висок рејтинг. Чешка е прва во својата група во Златната европска лига, Данска добро игра, така што, сепак, главни пречки за наш пласман во вториот круг на Европското првенство ќе бидат Данска и Црна Гора.
Има ли Македонија потенцијал за добар настап на Европското првенство годинава?
Да. Тоа го покажавме со победите против Белгија и против Хрватска. Натпреварите што ги губевме со два поена разлика од посилни селекции не е многу страшно, оти тие имаат играчи што можат во секој момент со одреден потег да решат одреден меч. Исто и ние се обидувавме, им дававме шанса на повеќе одбојкари, но квалитетот што го поседуваме е тој. Во тие мечеви со тесни завршници практично одлучуваа нијанси. По квалитет сме тука некаде, со сите игравме рамноправно, што значи дека имаме потенцијал и квалитет дури и да направиме повеќе на ова Европско првенство, оти на него ќе играме против две-три селекции што се со нашиот квалитет. Секако дека сум оптимист за пласман во вториот круг, на тоа впрочем и работиме, се подготвуваме. Во моментов играме квалитетно, функционираме како една целина, имаме добар систем и сите си го наоѓаат своето место во тој систем. Едноставно, играме според своите можности, се бориме и го даваме максимумот против силни репрезентации што се со повисок рејтинг од нас, што може само да нѐ радува.
ОДБОЈКА – СРЕБРЕНА ЕВРОПСКА ЛИГА, ЖЕНИ
Австрија, Естонија, Црна Гора и Португалија ќе играат за трофејот
Македонската женска одбојкарска репрезентација го претрпи и шестиот пораз, во шестото, последно коло по групи во Сребрената европска лига и натпреварувањето како дебитант го заврши на четвртото место во групата А, без освоен бод. Подобри во ова коло од Македонија беа Австријките, кои на свој терен славеа со 3-0 (25-15, 25-17, 25-7). Од оваа група, покрај Австријките, пласман во плејофот оствари и Естонија, и двете со по 15 бода, но Естонките се први оти имаат подобар сет-количник, додека трета е Летонија со шест бода. Од групата Б пласман во завршницата обезбедија репрезентациите на Црна Гора и на Португалија, и двете со по 15 освоени бода. Трета е Грузија, а четврти се Фарски Острови, и двете селекции со по три бода.
Подготовки од 15 јули за настап на третото ЕП во низа
Македонската одбојкарска репрезентација пред одигрувањето на вчерашниот шести натпревар во годинашната Европска златна лига беше трета во групата Б со шест освоени бода (колку што имаше и второпласираната селекција на Белгија). Пласман на фајналфор-турнирот во Задар, покрај домаќинот Хрватска, обезбедија Турција (група А), Украина (група Б) и Чешка (група Ц). Македонија дебитираше на европските првенства во 2019 година и на премиерниот настап, во групата што се играше во Љубљана (Словенија) забележа две победи, од кои една против подоцнежниот европски вицешампион, репрезентацијата на Словенија. На тоа Европско првенство Македонија го освои 17-то место. Потоа македонската селекција настапи на континенталниот шампионат во 2021 година, што се играше во Полска, Чешка, Естонија и во Финска, каде што Македонија ги играше своите натпревари во групата, па настапот на годинашното Европско првенство, за кое подготовките треба да почнат на 15 јули, значи дека македонската репрезентација третпат по ред ќе биде дел од финалниот турнир.
ЕВРОПСКА ЗЛАТНА ЛИГА, МАЖИ, ГРУПА Б
Македонија – Украина синоќа
Хрватска – Белгија синоќа
ТАБЕЛА
Украина 5 5 0 15-0 15
Белгија 5 2 3 7-10 6
Македонија 5 2 3 8-12 6
Хрватска 5 1 4 6-14 3