Фото: Маја Јаневска-Илиева

Многумина од најдобрите играчи во светот ќе настапат на најсилниот турнир во шах по швајцарски систем досега, меѓу нив група млади во раните тинејџерски години, израснати да станат шаховски шампиони и да постават нови светски рекорди во древната игра

Четвртото издание на најсилниот турнир во шах по швајцарски систем досега ќе се одржи во Самарканд (Узбекистан), од 1 септември. Многу од најдобрите играчи во светот ќе бидат таму, а меѓу нив група млади во раните тинејџерски години, израснати да станат шаховски шампиони и да постават нови светски рекорди во древната игра.
Во 1958 година, кога Роберт Фишер стана велемајстор (ВМ) на 15 години и шест месеци, веќе шампион на САД во тоа време, се појави на насловните страници низ целиот свет. „Њујорк тајмс“ објави дека ова го направило Фишер член на „најексклузивното шаховско братство во светот“, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Со текот на годините, возрасната граница продолжи да се намалува. Унгарката Јудит Полгар го надминала рекордот на Фишер за два месеца во 1991 година, станувајќи првата жена што поставила нов рекорд. Потоа дошол Украинецот Руслан Пономариов на 14 години и 17 дена, па Русинот Сергеј Карјакин го следел на 12 години и седум месеци, а во 2021 година Абхиманју Мишра (САД) го постави сегашниот рекорд на 12 години и четири месеци. За речиси 50 години, прагот се намалил од 15 на само 12 години, пишува ФИДЕ. Но постојат и други рекорди поставени од млади шахисти. Јагиз Кан Ердогмуш од Турција стана најмладиот шахист што го надмина рејтингот од 2.600 поени, во 2024 година, пред да наполни 13 години. И, секако, круна на успехот е Домарају Гукеш, кој стана светски првак на 18 години, а претходно беше најмладиот што го надмина рејтингот од 2.750 поени. Неодамна, Британката Бодана Сиванандан (10) стана најмладата девојка што некогаш победила ВМ и ја освои титулата ЖИM, а во САД, Кеја Џа (10), исто така, победи ВМ на „Меморијал Џо Јун“. Раните почетоци, поголемата семејна и државна поддршка, посветеноста, како и компјутерите, се заслуга за овој тренд, пишува ФИДЕ.
Володар Мурзин (19 години, рејтинг 2.678), руски ВМ, рангиран 46-ти во светот, Раунак Садвани (2.676) од Индија со години е присутен на врвот, има само 19 години, а ВМ стана на 13 години, Едиз Гурел (2.652), втор најмлад турски ВМ со 14 години, Јагиз Кан Ердогмуш (2.642) има 14 години, но веќе има два рекорда зад себе (во 2024 година стана ВМ на 12 години и 10 месеци, четвртиот најмлад досега, а истата година стана најмладиот што ја надминал границата од 2.600 рејтинг-поени), Индиецот Абхиманју Мишра (2.610), најмлад што некогаш станал ВМ, во 2021 година, на 12 години, четири месеци и 25 дена, Пранав В. (2.597), индиски ВМ (18) и актуелен јуниорски светски првак, и други талентирани шахисти се дел од оние што ќе играат на овој турнир. Во Самарканд ќе играат неколку етаблирани млади шахистки. Тоа се Бибисара Асаубаева (21) од Казахстан, двократна светска шампионка во брз шах, Полина Шувалова (24) од Русија, со многу успеси на врвни турнири, Ваишали Рамешбабу (21) од Индија, трикратна шампионка на САД… Има и неколку млади шахистки што ќе играат за највисоките пласмани во Самарканд, како Леја Гарифулина (2.477) од Киргистан (20), која беше светска првенка до 16 години во 2019 година, Теодора Ињац (2.455) од Србија годинава победи на Европското првенство за жени, Лу Мијаоји (15 г., 2.439), втора најдобро оценета кинеска шахистка во Самарканд, рангирана како втора јуниорка во светот и актуелна првенка на Кина, Афруза Хамдамова (18 г., 2.409) од Узбекистан и други, пишува ФИДЕ.
Овој турнир се одржува секои две години, првиот се одржа во 2019 година на островот Ман, а победи ВМ Ванг Хао. Изданието од 2021 година беше преместено во Рига поради ковид-19, а победија Алиреза Фирузја од Франција и Леи Тингџие од Кина во првото натпреварување за жени. Во 2023 година славеше Видит Гујрати кај мажите и Ваишали Рамешбабу кај жените, и двајцата од Индија. Според прописите, првите двајца на двата турнира во Самарканд ќе се пласираат на турнирите на кандидати во 2026 година, пишува ФИДЕ. Г.И.