Фото: „Нова Македонија“

Сите приходи од овој турнир ќе се донираат во фондот за загинатите и повредените во несреќата што се случи на 16 март годинава во Кочани, информира ШФМ

Меѓународниот турнир во забрзан шах „Играме шах за Кочани 2025“, организиран од Општина Кочани, градскиот шаховски клуб „Кочани“ и со поддршка од Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), ќе се одржи идната сабота во хотелот „Амор“ во Кочани (од 10.30 часот). Сите приходи од овој турнир ќе се донираат во фондот за загинатите и повредените во несреќата што се случи на 16 март годинава во Кочани. Пријавувањето за турнирот е до идната сабота до девет часот. Играчите без ФИДЕ-код треба да се пријават еден ден порано, со 300 денари платена такса, во согласност со правилникот на ШФМ.

Турнирот е еднодневен, во девет кола (темпото на игра е 10 минути плус пет секунди по секој потег) и е отворен за сите заинтересирани шахисти и шахистки, без разлика на титула, рејтинг или место на живеење и ќе се бодува во Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Таксата за учество е 500 денари и таа ќе биде донирана во Фондот за донација. Главен судија ќе биде интернационалецот Зоран Стојчевски. Наградниот фонд обезбеден од Општина Кочани ќе биде дониран во Фондот за донација за загинатите и за повредените во несреќата во Кочани. Организаторот ќе обезбеди таблети за најдобрите тројца шахисти, како и пехар и медали, но ќе има и други стоковни награди, како шаховски книги, шаховски гарнитури и слично, информираат од ШФМ. Г.И.