Досега своето присуство го најавија џудо-федерациите од Турција, Србија, Бугарија, Грција, Грузија, Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора, Шкотска, Косово и од Македонија, информираат од клубот Сеишин

ЏУДО

Во организација на џудо-клубот Сеишин, а со поддршка на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), идната сабота во спортската сала при СОУ „Ристе Ристески-Ричко“ во Прилеп ќе се одржи 14. меѓународен традиционален турнир во џудо „Прилеп град херој 2024“. Турнирот е за возрасните категории деца (до 11 години), помлади пионери/ки (до 13 год.) и пионери/ки (до 15 год.). Почетокот е закажан во 10.30 часот, а влезот е слободен.
Досега своето присуство го најавија џудо-федерациите од Турција, Србија, Бугарија, Грција, Грузија, Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора, Шкотска, Косово и од Македонија, информираат од клубот Сеишин.
Карактеристично за турнирот годинава е тоа што првпат ќе настапат и клубови од Турција, Грузија, Кипар и од Шкотска. Овој традиционален турнир, кој се одржува по повод македонскиот национален празник 11 Октомври, првпат се организираше во 2009 година, а паузираше две години, во 2020 и во 2021 година поради пандемијата на ковид-19 и мерките што беа во сила тогаш.
– Клубот ја задржува традицијата за покана и присуство на турнирот на гости и великани на џудо-спортот, претежно од поранешните југословенски простори, кои во изминатиот период постигнале големи резултати во овој спорт. Годинава ќе има тројца гости од соседна Србија, чии имиња ќе бидат објавени следната недела – вели тренерот на клубот Сеишин и спортски директор на ЏФМ, Дејан Мицкоски.
Еден ден пред почетокот на турнирот од 13 часот активностите ќе почнат со официјална прес-конференција, каде што јавноста ќе биде подетално запознаена со годинашниот традиционален меѓународен турнир. Г.И.