Фото: ЕПА

ОДЛУКА НА ИИХФ

  • Штитниците за врат претходно беа опционални на олимписките натпревари, а на други натпреварувања низ целиот свет не се задолжителни

Играчите ќе носат штитници за врат на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во 2026 година, првпат, потврди Меѓународната федерација за хокеј на мраз (ИИХФ), а промената на правилото следува по смртта на напаѓачот на Нотингем, Адам Џонсон, во октомври 2023 година, кога беше смртно погоден во вратот од лизгалка за време на натпревар од Елитната лига против Шефилд, пишува Би-би-си. ИИХФ во декември истата година објави дека штитниците за врат ќе станат задолжителни во сите нивни натпреварувања, но не беше објавен датумот на воведување на ова правило.
– Можеме да потврдиме дека штитниците за врат ќе бидат задолжителни според правилникот на ИИХФ – изјави портпаролот за Би-би-си.
Штитниците за врат претходно беа опционални на олимписките натпревари, а на други натпреварувања низ целиот свет не се задолжителни. Иако штитниците се задолжителни на младинско меѓународно ниво, нивното носење ќе биде ново искуство на елитно ниво за некои од најдобрите играчи во светот. НХЛ-лигата, која се смета за лига број еден во светот, ќе ги направи штитниците задолжителни за новите играчи, кои влегуваат во ова натпреварување од сезоната 2026/2027, пишува Би-би-си. Сепак, оние што веќе играат во лигата нема да мораат да носат заштитна опрема. Играчи на НХЛ-лигата ќе настапат на ЗОИ во Милано и во Кортина д`Ампецо в година, откако не се појавија на претходните две ЗОИ.
Елитната лига за хокеј на мраз, највисокото ниво на натпреварување во Велика Британија, ги направи штитниците за врат задолжителни во јануари 2024 година, пишува Би-би-си. Г.И.