Круз Хјуит

Поранешниот светски рекет број еден Лејтон Хјуит во 1997 година стана најмладиот тенисер што се пласирал за Австралија опен, само еден месец пред 16-от роденден, а на слична возраст неговиот син ќе игра во квалификациите за тој гранслем-турнир в година

Хјуит? Борг? Понекогаш има познато име на списокот за настап на турнири што потсетува на една поинаква ера во тенисот. Синот на Лејтон Хјуит, Круз, е најновиот играч со родител што им го префрлил рекетот на своите деца, пишува „Би-би-си“. Круз Хјуит (16) доби вајлд-карта за квалификациите за гранслем-турнирот Австралија опен следниот месец, турнир на кој двократниот гранслем-шампион Лејтон беше финалист во 2005 година. Поранешниот светски рекет број еден Хјуит стана најмладиот тенисер што се пласирал на Австралија опен, во 1997 година, само еден месец пред 16-от роденден. Во продолжение издвојуваме некои тениски двојки родител-дете, во избор на „Би-би-си“.
l Трикратниот гранслем-вицешампион Каспер Руд е син на поранешниот норвешки рекет број еден Кристијан Руд. Каспер стана првиот Норвежанец што освоил АТП-титула, во 2020 година, на Отвореното првенство на Аргентина, престигнувајќи го својот татко како највисоко рангиран играч од Норвешка. Откако две години подоцна стигна до финалето на Ролан Гарос и на САД опен, Каспер постигна највисок пласман во кариерата, на второто место. Каспер (25) стигна до четврт-финалето во машка конкуренција на Летните олимписки игри годинава, со што стана првиот норвешки играч што стигнал до таа фаза.
l Во 2023 година Себастијан Корда стигна до четврт-финалето на Австралија опен, каде што 25 години претходно победи неговиот татко и поранешен светски рекет број два Петр Корда. Себастијан (24) освои две АТП-титули во поединечна конкуренција, како и титула во двојки на Отвореното првенство на Мадрид годинава и е 23-ти во светот. Тој и Петр станаа првото дуо татко-син што се рангирани во врвните 20, по победата на Себастијан на Вашингтон опен во август. Сестрите на Себастијан, Нели и Џесика се професионални голферки, а Нели е рангирана како број еден во светот.

  • Таткото на Лео Борг, Бјорн, е еден од тениските великани на сите времиња, со 11 гранслем-титули и 109 недели на врвот на светската ранг-листа. Рангиран на 546-то место во светот, Лео има три настапи на АТП-турнејата, дебитирајќи во родниот Стокхолм, во 2021 година. Тој ја оствари својата прва победа на тоа ниво две години подоцна. Лео (21) исто така годинава се натпреваруваше против Рафаел Надал во Стокхолм, а 22-кратниот гранслем-шампион го опиша како „огромна чест да се игра против синот на една од најголемите легенди во историјата на нашиот спорт“, пишува „Би-би-си“.
  • Американецот Брендон Холт предизвика големо изненадување на САД опен во 2022 година, победувајќи го 10-от носител Тејлор Фриц во првото коло. Холт (26) ги помина квалификациите за да стигне до главната ждрепка, а победата беше негова прва на највисоко ниво. Неговата мајка Трејси Остин е двократна победничка на САД опен, незаборавно победувајќи ја четирикратната бранителка на титулата Крис Еверт во 1979 година и стана шампионка на само 16 години. Холт стигна до второто коло на Австралија опен во 2023 година и се врати во првите 200 во светот откако играше на турнејата Челинџер.
  • Хана Мандликова е четирикратна гранслем-шампионка и е една од само 13-те жени во опен-ерата што стигнале до финалето на сите четири гранслем-турнири. Мандликова е првата победничка на САД опен за жени во поединечна конкуренција во опен-ерата, а нејзината ќерка Елизабет Мандлик (23) дебитира на истиот турнир во Њујорк во 2022 година. Таа освои седум титули на турнири на ИТФ за тенисерки и има највисок пласман во кариерата на 97-то место. Н.М.
Лео Борг