АЛПСКО СКИЈАЊЕ – ПО ПАУЗАТА ПОРАДИ ПОВРЕДА
По девет месеци емоционални подеми и падови по кинењето на вкрстените лигаменти се остварени првите свртувања на снег, три метри под нивото на морето. Во скијачката сала во Зотермер, Марсел Хиршер (Холандија) се врати на елементот од скијањето што го сака, а коленото се држи и тој е желен за повеќе, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС).
– Ја имавме целата сала само за нас, со совршено контролирани услови, израмнет наклон, постојан снег, без изненадувања. Снежните услови се исти цел ден. Точно она што ви треба за да ги тестирате коленото и поставеноста. Многу добар прв настап, со три клучни поуки. Прво, коленото не покажува негативна реакција, што е навистина одлично, второ, радоста од скијањето останува и трето, патот назад кон тркачкиот режим е уште долг. Ова сѐ уште немаше многу врска со скијањето на кое сум навикнат. Големото прашање за иднината ќе биде колкав ризик сум уште подготвен да преземам и дали уште можам да настапувам на тоа ниво – рече Хиршер, пренесе ФИС.
Хиршер како натпреварувач на Австрија во кариерата освои два златни медала на змиски олимписки игри, седум титули на светските првенства и има осум триумфи во генералниот пласман во Светскиот куп, во кој забележа 67 победи на трки, и тоа 32 во слалом, 31 во велеслалом, три во паралел-слалом и една во супервелеслалом. Во 2019 година се повлече од патеките, а лани се врати како натпреварувач на Холандија. Н.М.