ШАХ
- Прв поен освои Огњановска, вторпат ремизира Златков, а прво реми впиша Стефаноски во рамките на третото коло
Две победи, две ремија и два пораза или три освоени поени од можни шест (50 отсто) е епилогот во третото коло на шестемина македонски претставници на Светското првенство (СП) за младинци во шах, во возрасните категории до 14, 16 и до 18 години за момчиња и за девојчиња во Драч (Албанија).
Повторно импонираше ЖФМ Моника Жежовска (1.996 рејтинг-поени, рангирана 29-та пред почетокот на СП), која во возрасната категорија до 18 години, со тактичко надмудрување во завршница на кралица и ловец, со бели фигури, ја надигра повисокорангираната ЖФМ од Германија Чарис Пеглау (2.203, рангирана деветта). Оваа победа ѝ го донесе водечкото место на табелата заедно со уште четири шахистки, засега нови 71,2 рејтинг-поен и играчки перформанс од дури 2.871 рејтинг-поени. Вчера таа играше со силната ЖИМ од Франција Манон Шипке (2.359, рангирана втора пред СП).
Од другите македонски претставници, прв цел поен освои Делфина Огњановска (рејтинг 1.610) против Ван Вик од Намибија, во категоријата до 16 години, прв половина поен освои Даниел Стефаноски (1.833) против Црногорецот Томан Периќ (1.643) на СП до 14 години, а Мајкл Бурнс (2.131) загуби од Канаѓанецот Јаш Дарвекар (1.950) во категоријата до 16 години. Вторпат ремизира ФМ Антон Златков (2.351), во мечот од третото коло со унгарскиот ФМ Џаолидин Илхоми (2.289) на СП до 18 години, а Елисавета Бурнс (1.494) го забележа третиот пораз, од Грузијката Лика Чхартишвили (1.659) во категоријата до 14 години.
По третото коло од вкупно 11, Жежовска е прва (три поени), Златков е 44-ти (два), М. Бурнс 100-ти (еден), Огњановска 94-та (еден), Стефаноски 127. (0,5) и Е. Бурнс е на 101-то место (0). Г.И.