Допингуваните спортисти ја добиваат битката против антидопинг-властите во елитниот спорт, вели високиот функционер Дејвид Хауман, кој претседава со Одделот за интегритет на атлетските спортови, пишува „Би-би-си“.
Според Хауман, кој 13 години беше и генерален директор на Светската антидопинг-агенција (ВАДА), системот е заглавен, дозволувајќи им на оние што земаат забранети супстанции да напредуваат, пренесе „Би-би-си“.
– Да бидеме искрени и прагматични, системот е заглавен. Намерно допингуваните спортисти на елитно ниво го избегнуваат откривањето. Денес не сме доволно ефикасни во фаќањето на измамниците. Нашата неефикасност во справувањето со оние што ги кршат правилата му штети на кредибилитетот на антидопинг-движењето. Сите мора да правиме подобро за да ги поддржиме нашите чисти спортисти со фаќање на валканите, особено оние на врвот на спортот – рече Хауман, пренесе „Би-би-си“. Г.И.

































