АТЛЕТИКА
- Гресие со победата на 10.000 м стана деветтиот француски атлетичар што освоил злато на СП
Фудбалски меч никогаш не завршува по 90 минути, секогаш има дополнително време. Во Манчестер јунајтед го нарекуваа „време на Ферги“, во чест на многуте голови постигнати во последните минути во тие одлучувачки моменти под водство на легендарниот менаџер Алекс Фергусон, а во Франција, сега можеби зборуваат за „време на Џими“, пишува Светската атлетика (СА). На Светското првенство (СП) во атлетика во Токио годинава, Џими Гресие ја искористи својата шанса на 10.000 метри. Французинот имаше импресивен завршен спринт кога ја освои својата прва светска титула.
– Ако ја трчаме истата трка утре, би можел да бидам шести или седми – рече тој.
Гресие ја освои најголемата титула во својата кариера, иако би сакал да биде светски првак во фудбал. Но нема да се жали, се пошегува тој во разговор со новинарите. Сега се приклучува на избраниот круг француски светски шампиони.
– Му се придружувам на Зизу (Зинедин Зидан), на пример, кој го освои Светското првенство – додаде тој со насмевка, пренесе СА.
Гресие стана деветтиот француски атлетичар што освоил злато на СП. Порано во кариерата Гресие освои три титули до 23 години на европски првенства во крос, а годинава постави европски рекорд во сала на 5.000 метри (12:54,92 минути) и апсолутен француски рекорд на 3.000 м (7:30,18), европски рекорд на пет км (12:57) на пат и ја освои европската титула во полумаратон (59:45 минути). На отворено тој постави француски рекорд на 5.000 м (12:51,59) и ја освои титулата во Дијамантската лига на 3.000 м, а на СП во Токио победи на 10.000 м и освои бронза на 5.000 м.
Неговиот триумф на 10 км беше победа во која фудбалот одигра своја улога. Гресие, кој е роден во истата населба како Франк Рибери, поранешен фудбалер на Баерн и францускиот репрезентативец, гордо ги кажува своите фудбалски корени, пишува СА.
– Фудбалот ми помогна да станам светски првак. Можете да го видите тоа во последните 60 метри. Не е случајност, тоа е истиот повторен напор што го научив во фудбалот. Кога топката ќе се одиграше длабоко, нагло забрзував за да постигнам гол – вели тој и токму тоа го репродуцира во Токио, пренесе СА. Н.М.