ШАХ – ЕВРОПСКИ КЛУПСКИ КУП, ВТОРО КОЛО
- Зад резултатот се крие многу интересен меч, со одлична борба! На сите табли се играше храбро и борбено, со добро подготвени системи на отворања, вели капитенот на ШК Алкалоид, Влатко Богдановски
Второто коло од Европскиот клупски куп (ЕКК) во шах, кој се одржува на грчкиот остров Родос, донесе убедлива победа со 6-0 за интернационалниот состав на ШК Алкалоид. Жртва на фармацевтите беа домашните шахисти од клубот Ипотитис Родос (Витезите од Родос), кои, според просечниот рејтинг на играчите од 2.341 рејтинг-поен, котираа во првата третина од стартната листа, пишува ШК Алкалоид.
– Зад резултатот се крие многу интересен меч, со одлична борба! На сите табли се играше храбро и борбено, со добро подготвени системи на отворања. На првите пет табли играа најдобрите млади грчки интернационалци, а на шестата нивниот тренер, кој е ветеран, со титула интернационален мајстор – реферираше капитенот на ШК Алкалоид, ВМ Влатко Богдановски.
Мечот беше отворен со првата победа, која се случи на последната, шеста табла, на која ВМ Абиманју Пураник (2.615) во шпанска партија оствари позициска надмоќ и го реши капитенот на противничкиот тим, ИМ Панајотис Френѕас (2.179).
Освен на втората табла, на која ВМ Ји Веи се реши за еден мирен лондонски систем, на другите табли доминираа жестоките сицилијанки во отворањата. Кинескиот велемајстор го доби теорискиот дуел, функционираше перфектно и стигна до цел поен против ИМ Евагелос Патрелакис (2.437). Наспроти тоа, на другите табли се играше до цајтнот. Најдолго траеше дуелот на првата табла, на која ВМ Арјун Еригаиси (2.773) со црни фигури се соочи со младиот ИМ Димитрис Алексакис, кој има импозантен рејтинг од 2.548, што практично укажува на неговата неодамнешна промоција во велемајстор. Членот на Алкалоид го вовлече противникот во „густа шума“, термин што го користат шахистите за комплицирани и крајно нејасни ситуации, со неизвесни планови и системи на игра.
Имаше ризик, многу трошење време и борба што може да се анализира само со помош на компјутер по одигрувањето на партијата, пишува ШК Алкалоид. Говорот на телото на противникот од грчкиот тим укажуваше на постепеното тонење во безизлез, а на крајот, со ефектна комбинација, Еригаиси ја прокнижи првата победа на турнирот. На третата и на четвртата табла ВМ Јангји Ју (2.720) и ВМ Читамбарам Аравинд (2.711) играа дуели за учебник, но противниците до последните минути од четвртиот час го одржуваа отпорот, а мошне поучна беше и победата на ВМ Велимир Ивиќ (2.628) на петтата табла. Генералната оцена е дека сите успеаја да создадат предност, а потоа и да ја реализираат.
Ривалите на ШК Алкалоид во ова коло славеа победи со по 5-1 во сите четири меча од првата петорка, но на табелата има дури 21 екипа со по четири бода од двете кола. Вчера, во третото коло, противник на нашиот тим му беше Шахфројнде од Германија, кој во второто коло славеше над вториот чешки тим, Оаза Прага. Мечевите почнуваат во 15 часот по грчко време, а заинтересираните ентузијасти имаат можност за следење на интернет-преносот преку официјалната страница www.eccc2025.com, информираат од ШК Алкалоид. Г.И.
Гостивар убедлив, Центар АСЕЕ загуби
Во женска конкуренција на 29. Европскиот клупски куп (ЕКК) во шах на Родос, македонскиот претставник Гостивар (1.999, рангиран 14-ти пред почетокот на ЕКК) оствари максимална победа со 4-0 против грчкиот клуб Ипотис Родос (1.768 рејтинг-поени, рангиран 19.). Цел поен освоија ЖИМ Љиља Дрљевиќ (2.063), Петра Караиванова (1.951), Ксенија Томин (1.936) и Аница Андоноска (1.813) и, по две кола со два екипни бода (7,5 по табли), се на 10. место. Во третото коло Гостивар вчера играше со шведскиот претставник Васа (2.089, рангиран 10.).
Вториот македонски претставник на ЕКК, Центар АСЕЕ од Скопје (2.129, рангиран деветти), по почетната победа, загуби со 1-3 од силниот романски клуб Суперчес (2.421, рангиран четврти). Победа оствари само ВМ Белослава Крастева (2.316) на првата табла, а ЖВМ Викторија Радева (2.292), ЖФМ Ивана Манова (2.010) и Драгана Николовска (1.899) загубија. По ова коло од предвидените седум, скопскиот клуб е на деветтото место, со два бода (7,5 поени по табли). Во третото коло вчера за ривал го имаше холандски Де Штукенјагерс (2.035, рангиран 13.). Во водство засега се пет екипи, со по две победи. Г.И.
ШАХОВСКА ОЛИМПИЈАДА ЗА ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ
Македонија ремизираше на стартот со Чешка
Македонската репрезентација (1.799 рејтинг-поени, рангирана 26-та пред почетокот), одигра нерешено 2-2 против Чешка (2.055, рангирана 9.), во првото коло на 2. Шаховска олимпијада (ШО) за лица со попреченост, која во организација на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) се игра во шест кола на четири табли (со задолжително една шахистка) во Астана, Казахстан.
Цел поен освоија Зоран Костадиновски (1.861) против ИМ Милан Бабула (2.225) на втората и Јанчо Ѓорѓевски (1.746) против ФМ Вацлав Валента (2.132) на третата табла, додека загубија Жарко Селковски (1.936) од ИМ Милан Орсаг (2.225) на првата и Марија Арсова (1.653) од ЖФМ Ана Ривова (1.856) на четвртата табла. Македонија по ова коло е на делба на 16-то место со еден бод (два поена по табли). Во второто коло, вчера, Македонија играше со Меѓународната репрезентација на глуви (ИЦЦД), која е рангирана 29-та (1.781). На ШО има 157 учесници од 36 селекции (два ВМ, 17 ИМ, еден ЖВМ, 14 ФМ, два ЖФМ). Г.И.