Од историјата на борењето (9)
- За вторпат да го освои европското злато, олимпискиот шампион мораше да ослаби дури 11 килограми непосредно пред настапот во Познањ во 1989 година. Доктор Милош Вучидолов, со само нему познат рецепт, успеа да го доведе Трстена до потребната тежина за настап во неговата категорија. Поранешната југословенска борачка експедиција беше срдечно пречекана на границата кај Хоргош
Примерот со Шабан Трстена најубаво зборува за тоа дека не е лесно да бидеш шампион, секогаш подготвен да стигнеш до највисокото место на пиедесталот, а потоа и да го потврдиш успехот на следните натпреварувања. По олимпиското злато од Лос Анџелес (1984) и среброто од Сеул (1988), тој мораше да помине низ еден вистински пекол за вторпат да ја освои европската титула на Шампионатот во Познањ во 1989 година. Но, еве како изгледаше сето тоа…
Сите што ги следат борачките спортови знаат дека според тежината борачите се поделени во т.н. тежински категории, па затоа пред почетокот на натпреварите постојано треба да се внимава да не се надминат килограмите од максималните предодредени за определената категорија. Меѓутоа, често се случува во периодот кога нема поголеми активности борачите да се опуштат, да не внимаваат и да консумираат повеќе храна од потрошените калории на тренинзите, па, така, телесната тежина значително да се искачи над дозволената граница. Токму таков беше случајот со Шабан Трстена пред Европското првенство во Полска. Но, специфичноста на овој случај беше фактот што за малку денови тој требаше да ослаби цели 11 килограми и да помине низ една вистинска „голгота“. Во слободниот период шампионот малку се опуштил, не внимавал на исхраната и стигнал до тежина за настап во речиси две категории над неговата. За многумина е невозможно за толку краток период да се симнат 11 килограми, но за истренираните, и покрај маките што ги имаат, сепак, е можно… Но, како?
Тренинг, сауна, медицинска контрола
За среќа, во годините кога нашите борачи ги постигнуваа врвните резултати, водечко место во лекарскиот тим имаше докторот Милош Вучидолов. Тој долго време минуваше со спортистите, особено со борачите, што значи дека имаше акумулирано големо знаење и искуство. Во него тие секогаш гледаа како кон свој спасител, па дури и тогаш кога се чинеше дека некоја работа е невозможно да се изведе. Кај него немаше невозможно, за сѐ имаше решение, секогаш ќе најдеше рецепт да се елиминира проблемот. Таков беше и случајот со Трстена.
Репрезентацијата на поранешната држава беше на подготовки во Суботица, град познат по борењето, особено во грчко-римски стил, и град од кој меѓу другите потекнуваше и светскиот шампион Сретен Дамјановиќ. Токму тој му сугерираше на Насе Насев подготовките пред настапот во Познањ да ги реализира во Суботица. Тој му гарантираше идеални услови за тренинг, прекрасна сала со нови душеци, па дури и спаринг-партнери. И навистина, сѐ што вети, исполни. Условите беа идеални, а борачите што на државата ѝ донесоа многубројни медали, тие денови беа централните личности во градот лоциран до самата унгарска граница.
Деновите минуваа, сите се чувствуваа добро, само Трстена мака мачеше! Поради режимот што го воведе д-р Вучидолов, мораше многу да трпи, немаше јадење од вкусната храна специјално приготвена за борачите… Со еден збор, мораше да бега од трпезата и од нејзиниот предизвик.
Но, затоа имаше резултат, килограмите се намалуваа. Од ден на ден Трстена стануваше сѐ полесен, а, сепак, во стручниот штаб беше присутна загриженост дали до мерењето ќе успее да биде фит со килограмите. Вучидолов мудро молчеше и не отстапуваше од својата концепција. На прашањето дали ќе успее да симне толку килограми, не можевме да добиеме одговор. Затоа подоцна и не инсистиравме на одговор.
Со два автомобила кон Познањ
Патувањето за Познањ на Европското првенство покажа дека борачите, иако најтрофејни, се многу скромни. За да се заштеди, наместо со авион, се одлучи да се патува со два автомобила, едниот на Насев и другиот мој, „пежо 504 караван“, кој заличуваше на комбе и во него можеа да се сместат дури седуммина.
Целата екипа, која ја предводев како тогашен генерален секретар на Федерацијата, броеше десетмина. Меѓу нив имаше еден судија, Тунџев, и новинарот со големо искуство, кој на крајот од кариерата најмногу го засака борењето и со целото срце се радуваше на успесите на нашите претставници, доајенот Бранко Давидовски, кој за жал е покоен.
Во автомобилот кај Насев беше уште Вучидолов, а на спуштеното седиште наменето за совозачот, за да може да легне, се смести Трстена. И тоа беше направено од тактички причини, зашто и во текот на патувањето шампионот мораше да биде под постојан третман поради зголемената тежина. Во текот на ваквите патувања има и згоди и незгоди, но и многу шеги. И додека сите бевме расположени и низ смеа ги минувавме километрите, лицето на Трстена беше сѐ понамуртено и изгледаше измачено. Нему не му беше до шега и смеење, неговите маки беа големи. Дури кога ќе запревме малку да се одмориме во прекрасната природа, особено кога поминувавме низ Татрите, тој не излегуваше зашто одвај стоеше на нозе. Малку здивна во Тешин, каде што ноќевавме, а веќе другиот ден уште во утринските часови го продолживме патот кон Познањ за навреме да стигнеме за мерењето и за ждрепката.
Во тие моменти дојде и најголемата неизвесност околу судбината на Трстена, нашиот најголем адут со Зоран Шоров, за освојување медал. Тој уште беше над дозволената граница на килограми. Кога влеговме во салата, Вучидолов веднаш замина со Трстена да ја провери тежината на официјалната вага за мерење. Го очекувавме епилогот, но изостануваше насмевка на лицата на Вучи и на Шабан. Се загриживме, дури не се осмеливме да прашаме каква е состојбата, дали е сѐ во ред. Единствено ни остана да ги следиме нивните следни чекори. Иако истоштен, одвај одејќи, Трстена влезе во сауна. За да му прават друштво, со него влегоа уште двајца борачи. Конечно, откако беше сторено тоа, информацијата од лекарот беше дека има 100 грама повеќе. Си помислив, ако по толку маки не успее да ги симне тие 100 грама, навистина ќе биде трагедија. Но, настојчивоста се исплатеше. Сауната го исцеди докрај, и на мерењето Трстена беше за некој грам под дозволениот максимум. Успеа…
Рецептот на доктор Вучидолов
Потоа дојде закрепнувањето, но без претерување со храна, зашто и тоа можеше да биде опасно. Само Вучидолов знаеше што треба во тие моменти, па така, некаде до пред полноќ, веќе се појавија и ведрина и насмевка на лицето на изморениот борач. До утредента, замислете, само неколку часа по исцрпувачкото слабеење, тој беше подготвен за борба. Со сета сила и жестина влезе во дуелите, разлутен поради маките и искушенијата низ кои помина, но уверен во себе и во сопствените способности. Ривалите паѓаа како снопје покрај него, тој почна да го отвора патот кон нов триумф на европските првенства. На сите ни олесна. Познавајќи го неговиот карактер, знаевме дека ќе загризе и ќе стигне до целта. Тоа и се случи. Трстена се закити со златниот медал, а Зоран Шоров, што би се рекло, за влакно го загуби бронзениот медал. Најизненадени од резултатот на Трстена беа луѓето од Суботица, кои некако со скепса нѐ испратија на пат, не верувајќи дека тој ќе успее да ги симне килограмите, а не, пак, дека ќе освои златен медал. Но, големината на шампионите е токму во тоа. Кога е најтешко, тие се најсилни. По тоа се разликуваат од конкурентите, впрочем, таа сила што само тие може да ја вратат ги води кон врвот.
За ова патување, колегата Бранко Давидовски често раскажуваше анегдота, базирана на еден момент кога некаде пред Будимпешта за малку ќе излетавме од патот. Тогаш не беше направен денешниов автопат, тоа беше обичен магистрален пат, по кој се движеа трактори и запрежни коли. Токму една таква кола излета од една нива и за миг се најде на патот. Со крајни напори успеав некако да побегнам на другата страна, дури да завозам и по ливадата под банкината, за потоа брзо да се вратам на патот. Сето тоа се случи молскавично, а Бранко раскажувајќи за овој момент оди дотаму, како што велеше, сме поминале под коњите од запрежната кола.
Ете, такви се доживувањата од ова патување, кое заврши со големо славење на границата во Хоргош, каде што бевме пречекани од суботичкиот градоначалник, домашните борачи на чело со светскиот првак Дамјановиќ, многубројните љубители на спортот, полицијата и царинарниците, кои воопшто и не го проверија нашиот багаж. Така, заеднички и со душа се славеа победите на спортистите од поранешна Југославија. Почитта кон шампионите беше голема, без разлика од кој дел на државата доаѓаа. На успесите се радуваа сите.
Серијалот за борачкиот спорт продолжува идната недела.
































