Индиските шахисти ги освоија наградите „спортски асови 2024“
Шаховските ѕвезди на Индија продолжуваат да добиваат заслужено признание за нивните достигнувања, при што двајца од најдобрите играчи на таа земја, интернационалниот мајстор (ИМ) Дивија Дешмук и ИМ Тања Сачдев, беа почестени со награди минатата недела. Се прославија и индиските репрезентации. Индија цврсто се етаблира како шаховска сила во 2024 година благодарение на нејзината двојна победа на 45-та Шаховска олимпијада (ШО) во Будимпешта и триумфот на велемајсторот (ВМ) Домарају Гукеш во Сингапур за освојување на титулата светски шампион.
Со две церемонии за доделување награди беа одликувани шаховските ѕвезди на земјата за нивните извонредни достигнувања. На доделувањето на наградите „спортски асови“ во Мумбај, машките и женските тимови на Индија ги освоија наградите. ВМ Гуџрати и Сринат Нарајанан ја добија наградата во име на Опен тимот, а Дивија, ИМ Вантика Агравал и тренерот, ВМ Абхиџит Кунте, беа присутни за да ја примат наградата во женска категорија. На истата церемонија, на Дивија ѝ беше врачена наградата за спортистка на годината за неолимписки спортови, пишува познатата шаховска интернет-страница „Чес“.
– Таа еднаш ја победи својата противничка во рекордно време, а сепак успеа да си оди дома и да ја заврши домашната задача – рече водителот на церемонијата, Сајрус Сахукар.
Дивија (19) е највисокорангирана шахистка на светот до 20 години со рејтинг од 2.490 поени. Таа стана светска јуниорска првенка во 2024 година и беше дел од индискиот женски тим што освои злато на ШО во Будимпешта. За својот настап таа доби и поединечно злато. На профилот на Инстаграм, Дивија рече дека е „благодарна и почестена“ за признанието, додавајќи: „Ова достигнување е одраз на напорна работа, посветеност и поддршка од мојот неверојатен тим, семејство и навивачи“.
Друга голема чест ѝ припадна на ИМ Тања Сачдев (38), која ја доби наградата за индиска спортистка на годината на „Би-би-си“ во Њу Делхи за нејзиниот придонес во шахот и како играч и како поборник на овој спорт. Таа како коментаторка на „Чес“ има значајна улога во промовирањето на шахот преку нејзината работа како водителка и презентерка на различни шаховски турнири. Таа, исто така, беше клучна во придонесот за златото на Индија на ШО во Будимпешта, постигнувајќи 3,5 поени од пет можни, без пораз.
Индиската ѕвезда беше пофалена на Икс од претседателот на Шаховската федерација на Индија, Нитин Наранг, кој напиша: „Вашата посветеност на шахот и непоколебливата посветеност на пробивањето на бариерите продолжуваат да инспирираат и поттикнуваат многумина. Заслужена чест за вистински менувач на играта“, пренесе „Чес“. Г.И.