Микаела Шифрин / Арманд Дуплантис / Ника Превц / Домен Превц / Александар Овечкин / Фото: ЕПА

Низата ја почна Микаела Шифрин, а потоа со свои светски достигнувања се надоврзаа Арманд Дуплантис, Ника Превц, Домен Превц, Александар Овечкин…

Алпско скијање, скок со стап во атлетика, скијачки скокови, хокеј на мраз… се само некои од спортовите и дисциплините во кои годинава беа поставени светски рекорди или беа надминати неверојатни спортски граници.
АЛПСКО СКИЈАЊЕ: На 23 февруари Микаела Шифрин, која и онака беше рекордерка според бројот на победи во Светскиот куп (СК) во алпско скијање, мажи и жени заедно, прва стигна до трицифрен број триумфи, откако беше прва во слаломот во Сестриере (Италија).
– Не знам дека е можно да се сонува за вакво достигнување. Преголемо е, предолго е, потребно е премногу. Отсекогаш сонував за добри свиоци и да одам чекор по чекор, па се обидувам да бидам подобра утре отколку што бев денес. И тој сон за мене е доволно голем – рече Шифрин, пренесе „Би-би-си“.
Подоцна таа стигна и до 101-та победа. Втор на оваа листа е славниот Швеѓанец Ингемар Стенмарк, со 86 победи остварени во 70-тите и 80-тите години на минатиот век, а на третото место е Линдзи Вон од САД со 82, која по шест години пауза се врати на патеките и сезонава освои едно второ место.
АТЛЕТИКА, СКОК СО СТАП: Пет дена подоцна од 100-ката на Шифрин, во атлетиката актуелниот светски рекордер Арманд Дуплантис од Шведска 11-ти пат постави светски рекорд во скок со стап. Овој пат тој прескокна 6,27 метри, на митингот во Клермон-Феран во Франција.
– Едноставно, се чувствував навистина добро. Што да кажам, дојдов тука да го направам тоа. Ставив сѐ на место за да го направам тоа – им рече Дуплантис на новинарите, пренесе агенцијата „Ројтерс“.
Неговата серија рекорди почна во 2020 година, кога прескокна десет сантиметри помалку од актуелниот планетарен рекорд. Тој ги постави11-те рекорди во девет града, а по двапати во Клермон-Феран и во Јуџин (САД).
СКИЈАЧКИ СКОКОВИ: На крајот на сезоната на зимските спортови, Ника Превц од Словенија прво го постави, а потоа го потврди новиот светски рекорд во скијачки скокови за жени. Таа на натпреварот во Викерсунд (Норвешка) на 14 март двапати прескокна 236 метри, надминувајќи го за 5,5 метри претходниот светски рекорд на Силје Опсет од Норвешка, поставен лани на истата скокалница. Превц постави и рекорди за најголема победа, прва е со триумфи на натпревари на три континента во иста сезона, израмни рекорди за најмногу победи во низа и подиуми во една сезона…
– Има многу моменти за кои би можела да мислам и сите тие се навистина посебни за мене, но мислам дека тоа ќе биде скокот во Викерсунд – изјави Превц за Интернационалната скијачка федерација (ФИС).
Околу две недели подоцна на познатата Планица (Словенија), Домен Превц, брат на Ника Превц, прескокна 254,5 метри, на 30 март. Тоа, пак, е за еден метар повеќе од дотогашниот светски рекорд, поставен од Австриецот Стефан Крафт, на 18 март 2017 година, во Викерсунд.
– Се чувствувам како да читам книга или да гледам филм и да го гледам овој лик како го прави тоа, така што не можам баш да верувам, но почувствував дека можам и тоа беше едноставно совршено – рече Домен Превц, пренесе ФИС, по поставувањето на светскиот рекорд.
ХОКЕЈ НА МРАЗ: Во уште еден зимски спорт, хокејот на мраз, на 6 април Александар Овечкин од Русија го собори рекордот од повеќе од 25 години за најмногу постигнати голови во најсилната лига на светот, НХЛ, на Вејн Грецки од Канада, постигнувајќи го 895-от погодок.
– Веројатно ќе ми требаат уште неколку дена или можеби неколку недели за да сфатам што значи да се биде број 1. Навистина сум горд за себе. Навистина сум горд за моето семејство, за сите мои соиграчи што ми помогнаа да ја достигнам таа пресвртница и за сите мои тренери. Огромно е. Тоа е неверојатно. Тоа е неверојатен момент и јас сум среќен – рече Овечкин, пренесе агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Н.М.