ЏУДО
Со голема чест и задоволство ве информираме дека од средата и официјално почна со работа новиот џудо клуб Гладијатор од Штип. На самиот почеток, клубот беше поддржан со присуство на гости, џудо-клубови од Скопје, Прилеп, Битола и од Ресен, кои со своето учество го збогатија овој значаен настан, информираат од ЏК Гладијатор од Штип. На свеченоста присуствуваше и претседателот на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), Владимир Трпаноски, кој му упати искрени честитки и му посака успешна работа, многу победи и големи спортски достигнувања на новоформираниот клуб. Со тоа ЏК Гладијатор почнува едно ново спортско поглавје, со силна поддршка и голема мотивација за идни победи и многу освоени медали на домашни и на меѓународни натпреварувања. Г.И.
































