Фото: ЕПА

Пред десетина дена тој постави два македонски рекорда на Светското првенство во 25-метарски базен, а од пред неколку дена е првиот македонски пливач што испливал 400 метри слободно побрзо од четири минути во 50-метарски базен

ПЛИВАЊЕ

Младиот македонски пливач, 17-годишниот Никола Ѓуретановиќ, член на ПК Вардар 2018, во извонредна трка постави уште еден македонски рекорд. Тој е првиот македонски пливач кому му успеало да исплива 400 метри слободно побрзо од четири минути (3:57,75 минути) во 50-метарски базени.
Новиот национален рекорд талентираниот Ѓуретановиќ го постигна на меѓународниот пливачки натпревар што се одржа во Ниш (Србија). Претходно македонскиот рекорд беше во сопственост на Марко Блажевски (4:00,53 минути).
Пред десетина дена тој постави два македонски рекорда на Светското првенство (СП) во 25-метарски базен во Будимпешта (Унгарија). Првиот го постави во трката на 400 метри (3:53,05 минути), односно за девет секунди подобро од неговото пријавено време за тоа Светско првенство, но и за три секунди и 27 стотинки побрзо од дотогашниот македонски рекорд, кој го постигна Блажевски. Со тоа време тој го освои 40-то место меѓу 49 натпреварувачи. Вториот македонски рекорд на тој Мундијал Ѓуретановиќ го постави во трката на 800 метри слободно (8:06,79 минути), подобрувајќи го претходниот рекорд за три секунди. Г.И.