Фото: ЕПА

Квалификациите во дисциплината 400 метри слободен стил, во кои ќе настапи Ѓуретановиќ, се денеска од 11 часот (финалната трка е од 20.42 ч.). Мојсовска ќе се натпреварува утре од 9.15 часот во пукање со воздушна пушка од 10 метри (финалето е в понеделник од 9.30 ч.)

ВИКЕНДОВ НА ЛЕТНИТЕ ОЛИМПИСКИ ИГРИ

Пливачот Никола Ѓуретановиќ (16) прв од македонските спортисти ќе настапи на 33. Летни олимписки игри (ЛОИ) во Париз, денеска, а за утре е предвиден и почетокот на натпреварите на стрелачката Анастасија Мојсовска (22). Македонија на ЛОИ 2024 има вкупно шест спортисти, а подоцна треба да настапат Еди Шерифовски (џудо, категорија до 81 кг, во вторник), Милијана Рељиќ (таеквондо, до 57 кг, на 8 август), Владимир Егоров (борење, до 57 кг, од 8 август) и Дарио Ивановски (атлетика, маратон, на 10 август)
Квалификациите во дисциплината 400 метри слободен стил почнуваат во 11 часот, а финалната трка, во која ќе се пласираат осумте најбрзи пливачи од квалификациите, е од 20.42 часот. Вкупно ќе има 38 пливачи од 32 земји, според официјалната интернет-страница на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК).
– За мене настапот на олимписки игри претставува голем чекор во мојата досегашна кариера, но свесен сум дека со 16 години, покрај резултатот што го планираме и работиме со мојот тим, особено е важно искуството што ќе го стекнам и ќе го искористам за следните олимписки циклуси што ќе ме очекуваат. Чувството да си олимпиец е навистина прекрасно, но за мене најважно е претставувањето на Македонија на најголемиот глобален спортски настан во најдобро светло и тоа ми претставува посебна мотивација. Со 16 години, ова ќе биде само прва во низата олимпијади, во кои ќе се борам за големи резултати и тоа чувство ме води низ кариерата. За мене секогаш приоритет ќе бидат резултатите, а не учествата.

Очекувањата ми се да го дадам најдоброто од себе, да се борам за најголемиот успех за мене и за Македонија дури и при таква пеколна конкуренција. Основно е да бидам смирен и сигурен во процесот, кој досега не само што ме направи најдобар пливач на Македонија туку и во самиот врв со пливачите на моја возраст од регионот и Европа. Едноставно верувам во резултатите, бидејќи работиме сериозно и посветено на нив, а очекувањата се подредени во тој процес – рече Ѓуретановиќ, пренесе Македонскиот олимписки комитет (МОК) на својата интернет-страница.
Натпреварите во пукање со воздушна пушка од 10 метри почнуваат утре, од 9.15 часот, а финалето, во кое ќе настапат осумте стрелачки со најдобар резултат од квалификациите, е в понеделник од 9.30 часот. Според информациите од ИОК, вкупно се пријавени 44 натпреварувачки од 31 земја.
– Настапот на Олимпијадата за мене претставува остварување на мојот спортски сон и освојување на уште еден спортски врв што ме оформува како професионален спортист стрелец. Чувството е феноменално, неизмерно сум среќна што токму јас сум дел од олимпискиот тим и ја имам шансата да ги претставувам боите на нашата држава. Квалитетен светски резултат за кој сум подготвена, а со кој достојно ќе се претставиме на оваа олимпијада – рече Мојсовска, пренесе МОК. Н.М.


МАКЕДОНСКИ ПРЕТСТАВНИЦИ НА ЛОИ 2024
ИМЕ И ПРЕЗИМЕ СПОРТ НАСТАП

Никола Ѓуретановиќ пливање, квалификации на 400 м сл. денеска
Анастасија Мојсовска стрелаштво, 10 м воздушна пушка утре
Еди Шерифовски џудо, до 81 кг вторник
Милијана Рељиќ таеквондо, до 57 кг 8 август
Владимир Егоров борење, до 57 кг 8 август
Дарио Ивановски атлетика, маратон 10 август